Не еден, повеќе службеници биле пцуени и клоцани на „Стамен Манов“

Во писмената реакција на службените лица кои биле омаловажувани и малтретирани, при извршување на службена должност, упатена до медиумите кои ја објавија првичната вест дека „Градежен инспектор бил нападнат …“, се посочува дека некој сакал да го забошоти случајот и да го минимизира.

Ние како дел од учесниците во акцијата за стопирање на дивоградбата на улицата „Стамен Манов“ во Кочани реагираме на објавениот наслов „Градежен инспектор нападнат од сопственик на градба на која се вршело контрола“. Нашата реакција се однесува на тоа што не се работи за лице во еднина тука за неколку лица кои како вработени во Општина Кочани беа омаловажувани и малтретирани при извршувањето на професионалните задачи. Во реакцијата понатаму се вели:

„На ден 24.12.2020 во 13:40 часот ние како вработени во Општина Кочани, по примена пријава излеговме на терен на ул. „Стамен Манов“ и на лице место констатиравме дека се гради бесправен објект. Откако побаравме од работниците на објектот да прекинат со градежните активности и го поканивме сопственикот на објектот на разговор во општинската зграда, почна вистинска драма која кулминираше со закани по нашите животи, и по животите на фамилиите, пцовки, туркање со сила и клоцање по што ние се повлековме од лице место и веднаш се упативме кон ПС- Кочани за да го пријавиме случајот. По пат телефонски го известивме главниот градежен инспектор кој веднаш побарал соработка од полиција и се упатил кон објектот во придружба на комунален редар и неколку полицајци со цел да ја стопира дивоградбата и да направи записник за истата. Кога стигнал на лице место, сопственикот на објектот бил уште по агресивен и со насилно однесување ги спречувал да ја извршат својата службена должност и со закани по живот ги избркал од објектот каде што биле присутни уште 20 тина лица од ромската популација.

Нашата реакција која се надеваме дека ќе биде објавена е од причина бидејќи сметаме дека со посочувањето на само едно нападнато лице некој сака да го забошоти случајот. Спремни сме вистината да излезе на виделина и на размислување сме поради нашето незадоволство од белешките објавени во билтенот да лично го известиме МВР. Ние сме вработени во Општина Кочани и сакаме да го спроведуваме она за што и добиваме плата а ако некому не му се допаѓаат мерките кои ги преземаме има институции каде по легален пат може да реагира на нашето присуство на објектот. Се надеваме дека надлежните ќе го коригираат првичното известување и дека сепак вистината ќе излезе на виделина.

Ви благодариме за просторот кој го одвојувате за нашата реакција.

Сподели: