Паушалог од 400.000 денари за ДАФ, социјалистичка одлука

Членовите на Советот на Општина Кочани денеска без позначајна дискусија и издржано објаснување, или анализа, го изгласаа зголемувањето на паушалот за ДАФ на 400.000 денари. Целта е да се обезбеди посигурна иднина на фестивалот, подобар квалитет и слично.

Меѓутоа, општа оценка е дека ваквата одлука е типично социјалистичка, бидејќи наликува на народната „јал не јал, ти ипол“. Практично, тоа значи како и да го организира наредниот ДАФ, Здружението на граѓани кое ја организира оваа државна манифестација, од општината на својата сметка ќе добие 400.000 денари. Затоа што никој не може да им каже колку претстави ќе учествуваат на ДАФ, и со каков квалитет. Поедини културни работници се прашуваат зошто една толку значајна и репрезентативна драмска манифестација ја организира Здружение на граѓани, а не на пример Центарот за култура Бели Мугри. Особено поради пропустите и утките со аплицирањето пред Министерството за култура во изминатите две години, за кои никој никого не може да повика на одговорност. А нели Кочани сака по секоја цена да го задржи домаќинлакот на ДАФ.  Или можеби преку здружението полесно се крчмат општинските и државните пари ?

Чуди како никој не се залага наместо паушал, организаторот на ДАФ секоја година да аплицира до Општината за средства за неговата реализација, со конкретна програма, период на одржување, број на учесници, гости од странство, придружни содржини, и така натаму. Таквата флексибилност ќе остави можност во одредени години да се направи вистински спектакл од фестивалот и ќе му даде растечка компонента. Се друго е како во врзана вреќа.

Сподели: