Борба за секој глас до последен час

КАНДИДАТИТЕ КОИ СЕ ВО ВОДСТВО ПО ПРВИОТ КРУГ СМЕТААТ ДЕКА СЕКОЈА ПРЕДНОСТ Е ЗНАЧАЈНА, А ПРОТИВКАНДИДАТИТЕ ВЕРУВААТ ВО БРАНОТ НА ПРОМЕНИ, КОЈ ЌЕ ИМА ВЛИЈАНИЕ КАЈ ГЛАСАЧКОТО ТЕЛО. ОЧЕКУВАЊАТА СЕ ДЕКА ДО 31 ОКТОМВРИ ЌЕ СЕ ВОДИ БИТКА ЗА СЕКОЈ ГЛАС, СО ЦЕЛ ДА СЕ СТИГНЕ ДО ПОСАКУВАНАТА ПОБЕДА.

Разликата во гласови на кандидатите за градоначалници на општините Кочани и Чешиново-Облешево, остварена во првиот круг им дава за право на учесниците да се надеваат на конечен успех во вториот круг. Тоа што е јасно, е дека и на гласањето на 31 октомври ќе биде крајно неизвесно, бидејќи  изборните штабови имаат доволно време да одработат на терен, посебно меѓу граѓаните кои во првиот круг не излегоа да гласаат, и оние што во кутиите пуштија неважеќки ливчиња, а чиј број е значителен. Секако не е за занемарување ниту фактот дека сега некои работи се појасни, отколку пред првиот круг, што сигурно ќе влијае врз определбата на гласачкото тело.

Што ново ќе понудат кандидатите во преостанатите десетина дена до вториот круг, тешко е да се претпостави, со оглед на фактот што многу работи, или речиси се беше кажано во кампањата пред првиот изборен круг. На кочанската јавност и се познати приоритетите и адутите и на Љупчо Папазов и на Николчо Илијев, па веројатно граѓаните ќе размислуваат и оценуваат главно помеѓу ситни детали. Во таа насока не е за занемарување ниту бранот на промени кој е карактеристичен за целата држава, и кој сигурно ќе има влијание кај граѓаните. Како што ќе има влијание и фактот дека централните изборни штабови имаат помалку општини за дејствување, па фокусот ќе се сконцентрира на општините по значење, големина и резултатската извесност.

Во Општина Чешиново-Облешево, каде битката ќе се води помеѓу кандидатите Далибор Ангелов од ВМРО-ДПМНЕ и Горанчо Крстев од СДСМ, значајна улога ќе играат и гласовите кои во првиот круг му беа дадени на Дарко Стефанов од ЛДП и ДОМ, а кои сега ќе се прелијат на едната или другата страна.

Сподели: