Печалбарите со најмалку пари кон своите

МАКЕДОНСКИТЕ ГАСТАРБАЈТЕРИ ИСПРАЌААТ НАЈМАЛКУ ПАРИ НА СВОИТЕ ВО СВОЈАТА ЗЕМЈА, А КОЈА Е ПРИЧИНАТА ЗА ТОА ОСТАНУВА ДА СЕ ПРЕТПОСТАВУВА. СПОРЕД ЕДНИ НЕСИГУРНОСТА ВО ДРЖАВАТА, СПОРЕД ДРУГИ НАВИКИТЕ И СКРЖАВОСТА, СПОРЕД ТРЕТИ СЕБИЧНОСТА. ПРОЦЕНТУАЛНО НАЈИЗДАШНИ СЕ КОСОВАРИТЕ КОИ ВО СВОЈАТА ДРЖАВА ВБРИЗГАЛЕ БЕЗМАЛКУ 20 ПРОЦЕНТИ ОД БДП-ТО, ИЛИ 1,25 МИЛИЈАРДА ЕВРА.

Дали граѓаните на Македонија се најсиромашни и во странство, или пак се најстегнати кога се во прашање парите и помагањето на своите, е дилема по фактот дека споредено со другите земји од регионот нашинците им испратиле најмалку евра или франци на своите семејства. Конкретно дијаспората во текот на 2020 година испратила 361 милион евра, или околу 3,4 проценти од бруто домашниот производ на земјава. Сепак тоа е најмалку споредено со земјите од регионот, каде според податоците од Евростат личните дотации од странство во Србија се повеќе од двојно поголеми и изнесуваат околу 7,2 проценти од БДП, во Босна и Херцеговина дури 9,3 %, во Албанија – 9,8%, во Црна Гора – 12,5% и во Косово неверојатни 18,5 % од БДП.

И кога се во прашање апсолутните бројки, нашата држава има најмали дотации од дијаспората, во споредба со целиот регион. И од тој аспект најголем прилив на средства од странство има Србија – 3,37 милијарди евра, потоа следат Босна и Херцеговина – 1,63, Албанија – 1,27,  Косово – 1,25, Црна Гора – 524 милиони и на крај Северна Македонија со 361 милион евра.

Според податоците од Евростат, во рамки на ЕУ најголема зависност од лични дотации од странство во 2020 година имале Хрватска – 7,3 проценти од БДП, потоа Летонија – 3,2 проценти од БДП и Романија – 3,1 процент.

Сподели: