Бод за завршна драма на Осогово за опстанок

Во предпоследното коло на Втората фудбалска лига на Македонија, Осогово го освои можеби најзначајниот бод во последните десетина годни, бод на надеж, кој ги продолжува и ги прави шансите за опстанок поприлично реални. Можеби спасоносниот бод, доколку се потврди со победа против Пелистер на свој терен, во последното коло, е освоен во натпревар кој домаќините, Аресими, со два гола го шокираа гостите. Меѓутоа, водството како да ги отрезни кочанчани, кои како да сватија дека нема што повеќе да загубат, што придонесе за отворена игра и брзо израмнување на резултатот на 2:2.

Сега претстои страдална недела за жолто-сините, и за љубителите на фудбалот во Кочани и регионот, кои ќе бидат во исчекување што ќе донесе дуелот против одличниот тим на Пелистер. Во клубот сите се убедени дека со борбена игра сонот за победата може да се претвори во реалност, а со тоа и опстанокот. Но сето тоа мора да се постигне на зелениот терен.

Сигурно, битно е како ќе одиграат и другите екипи кои го фаќаат последниот воз за опстанок, пред се Каменица Саса, Тетекс и Победа Прилеп, бидејќи некои комбинации велат дека и со нерешено Осоговци можат да се спасат.

Еве ги комплетните резултати: Аресими – Осогово 2:2, Пелистер – Победа 1:0, Караорман – Каменица Саса 0:3, Вардар Неготино – Новаци 2:1, Скопје – Беласица 2:2, Тетекс – Охрид 2:1, Кожуф – Детонит 0:0 и Беса – Башкими 0:0.

Идната недела во последното коло играат: Осогово – Пелистер, Каменица Саса – Вардар Неготино. Победа – Беса,  Башкими – Тетекс, Беласица – Аресими, Новаци – Скопје, Детонит – Караорман и Охрид- Кожуф.

Сподели: