Странските инвестиции ќе ги задржат младите …

Пред 5, односно 7 години во Кочани влегоа странските инвестиции Американската Амфенол и Холандската Антура, кои во меѓувреме се развиваа и апсорбираа работна сила од околу 2500 вработени. На тој начин овозможија мошне значајна бројка млади да останат во општината и во државата, и тука да ја планираат и градат својата иднина, наместо да заминат во Германија, Италија и другите развиени економии. За жал од тогаш наваму, ниту некој спомнува странски или домашни инвестиции, ниту најавува активности во скорешна иднина. А Кочанската Котлина има капитални ресурси, во геотермалните води, во оризот како земјоделски производ за преработка во храна, во реките, во планинскиот туризам и редица други потенцијали, но и во квалитетна работна сила која веќе се потврди во двете светски познати компании.

Поради фактот дека градоначалникот Николчо Илијев има децениски успешни контакти и деловна  соработка со голем број германски компании, веројатно многумина очекуваа дека можеби можел да охрабри или да влијае, кај нив, па и кај неговата пријателка, поранешната Германската амбасадорка, одредена инвестиција да заврши во градот на оризот. Уште повеќе ако се имаат во предвид неговите пријателски односи со државниот врв, кој исто така би можел да насочи некое странско вложување во Општина Кочани, нормално на база на издржани истражувања и анализи. Какви би биле позитивните ефекти, излишно е да се зборува и набројува. Секако, тоа не е ниту лесно ниту едноставно, но обидите се насушно потребни.

Можеби една од пречките што не е направен таков значаен исчекор, е што енергијата во изминатиот период премногу се трошеше таму каде што се непосредните ингеренции, реконструкциите и асфалтирањето на патната инфраструктура. Иако, и таа е неопходна, но сигурно нема да ги задржи младите во општината и државата. Всушност, никој од оние кои заминаа од Кочани не рекол дека тоа го направил затоа што нема асфалт на улицата, туку затоа што нема асална работа и солидна плата, за да планира и започне сопствен семеен живот, засебно од родителите.

Треба да се додаде дека странските инвестиции, особено од економски моќните и влијателни земји, имаат и политичко значење, со оглед на негирањата од поедини соседи, па и закани за блокирање на интеграциските процеси. Иако за нас, пресудни се стопанските и економските аспекти, бидејќи сигурно и во ЕУ повеќе посакуваат стабилна и просперитетна држава, отколку сиромашна која постојано ќе чука на вратата за некаква помош.

Сподели: