Кој ги касапи шумите покрај патиштата ?

Пристапниот пат до Браната „Речани“ им отвори нова можност на дрвокрадците неконтролирано да ги касапат шумите од овој дел на Осоговието. Доволно е да се помине по него за да се видат остатоци од исечената шума, како и траги на асфалтот од истечено моторно масло и од сечење со пили. Се сечат дрвја над патот, кои лесно се спуштаат на асфалтот и се утоваруваат во товарно возила, но и во прилагодени автомобили и се носат на продажба кај познати купувачи. На овој потег веќе се создадени помали голосеци, а доколку не се преземат конкретни мерки, можно е без шума да останат цели ридови. Прашањето е кој ги касапи шумите, иако сите знаат, и како да се заштитат? Особено кога дрвокрадците се агресивни.

Покрај шумите по патот кон Градче, на удар се и кории во атарот на селото Пантелеј, каде речиси секојдневно ечат моторни пили, како и на Плачковица, од каде со товари и приколку се симнуваат значајни количества на огревно дрво. За бесправна сеча и промет со огревно дрво сведочат граѓани кои потекнуваат од селата Јастребник и Бабиште, кои ги знаат дрвокрадците и ги пријавувале, ама никој не преземал ништо, поради што се сомневаат дека некој ги толерира.

Доколку продолжи ваквата појава на бесправна и неконтролирана сеча на шумите, може да се случи за неколку години, на километри од градот да ги снема „белите дробови“, односно да се зголема голините, кои ќе предизвикаат сложени последици врз животната средина.

Шумите на удар на дрвокрадци

МАСОВНО И БЕСПРАВНО СЕ СЕЧЕ ПОКРАЈ ПАТИШТАТА 

Сподели: