Пејпар Мил:Најавени инвестиции од 4,6 мил.евра

По тешката 2021 година Пејпар Мил најавува инвестиции од 4,6 милиони евра во наредните две години

Кочани, 4 март 2021г.  – Пејпар мил најавува вкупна инвестиција од 4.600.000 евра во наредните две години со цел дуплирање на капацитетот на фабриката и создавање на навистина модерна фабрика по сите светски стандарди. Инвестициите главно ќе бидат во зголемување на капацитетите и унапредување на процесите. За оваа година планирани се 1.8 милиони евра инвестиции, меѓу кои целосно финализирање на пречистителната станица, промена на котелот на сончогледови пелети со најсовремен, а моментално во фаза на имплементација е проектот за енергетската ефикасност за реинсталација на целиот паро-кондензационен систем, којшто ќе доведе до минимум 15% намалување на влијанието на котелот.

Иако 2021 година од менаџментот на компанијата ја оценуваат како најтешка, решени се да го продолжат инвестицискиот циклус.

„2021 беше една од најтешките години откако сме сопственици на фабриката. Тие четири месеци што не работевме нѐ вратија многу назад, при што важно е да се забележи дека сите вработени останаа на работа, ние им плаќавме 70% од платите. Тоа што не работевме се одрази финансиски на крајот на годината. Сите таргети кои ги поставивме како буџет не се исполнија. Годината беше динамична и заради промените на општата ситуација со Ковид кризата, со покачувањето на цената на горивата. Сепак, благодарение на големата поддршка од акционерите кои ги покрија тие загуби, успеавме да оствариме сосема мала добивка, реагиравме добро, инвестиравме во вреќест филтер и пречистителната станица и ги продолжуваме инвестициите.“ – изјави Јулијан Даскалов, Генерален директор на Пејпар Мил.  

Во текот на 2021 година Пејпар Мил вложи повеќе од 55 илјади евра во поставување на вреќест филтер и околу 300.000 евра во последната фаза на изградбата на пречистителната станица на води. Во текот на минатата година компанијата има рециклирано околу 14 илјади тони отпадна хартија и произведено околу 10 илјади тони готов продукт, кој се извезува во Турција, Грција, Србија, Албанија, Косово, мал дел во Бугарија, а дел останува во Македонија. Пејпар мил Кочани вработува околу 120 граѓани од Кочани и околината.

Од почетокот на своето работење од 2016 година вкупните инвестиции до сега изнесуваат над 9 милиони евра од кои близу половина милион евра се за заштита на животната средина. И покрај предизвиците со кои се соочуваат од компанијата информираат дека ќе ги зголемат инвестициите во фабриката во Кочани.

„Иако се соочуваме со повеќе предизвици настанати со глобалните случувања, зголемувањето ан цените на енергенсите, неаргументирани протести од стана на група граѓани, ние продолжуваме по патот кој го трасиравме – преку инвестиции да го зголемиме капацитетот на фабриката со целосно чисти технологии, да ги зголемиме вработувањата, да ги покачиме платите, да создадеме една навистина модерна фабрика која ќе функционира така што ќе биде конкурентна на западните. Верувам во поддршката на сите чинители во овој процес и верувам дека конечно ќе се направи студија за влијанието на сите субјекти врз животната средина во Кочани и соодветно на тоа ќе се преземат мерки и ќе се тргне дамката од фабриката единствен рециклатор на хартија во Македонија.“ – потенцира Даскалов.

Пејпар Мил од Кочани како инвеститор во земјата има значајно социо-економско влијание на локално и национално ниво како работодавач и во економијата, а кон тоа, Пејпар Мил како единствен рециклатор на хартија е значајна алка во процесот на рециклирање на отпадна хартија,  во остварувањето на националните цели за рециклирање и во синџирот на циркуларната економија во земјата.

Сподели: