Се чистат локациите со диви депонии во Источниот Регион како прва фаза од воспоставувањето на регионалната депонија

На територијата на општина Кочани во тек е чистењето на дивите депонии, активност произлезена од Одлуката на Владата за начинот на работа и постапување со постојните локации за отстранување на отпад и определување времени локации за отстранување отпад до периодот на изградба на регионалната депонија во Источниот и Североисточниот Регион.

Во завршна фаза е отстранувањето на отпадот од седумте локации за чистење во Кочани, определени со одлуката: Маџирски Ниви, Трајаново Трло, во Ромското Маало (кај Споменикот), кај Фабриката за вода,  „Национал“, во Грдовци и во Тркање. Исчистени се и депонии на три локации во Оризари: Оризарска Река, Илин Дол и на излезот кон Пресека.

Локациите се чистат со механизација, и по целосното отстранување на отпадот ќе бидат озеленети.

Општина Кочани ги повикува граѓаните да не го фрлаат отпадот на несоодветни места, да не ги полнат со нов отпад исчистените локации, туку отпадот да го изнесуваат во контејнери односно на Градската депонија во Кочани.Затворањето на депониите и ѓубриштата во Источниот Регион ќе се одвива во две фази. Првата фаза опфаќа расчистување на ѓубриштата кои претставуваат висок ризик кон животната средина, а во втората фаза, откако би се воспоставил регионалниот систем за управување со отпад, превидено е комплетно затворање на сите други оперативни депонии во Источниот и во Североисточниот Регион.

Сподели: