Случај превоз: Кој ќе победи – фер плејот или парите?

Го надитри ли директорот на „Авто Атом“ градоначалникот Николчо Илијев, кога пред две години издејствува во целост да му се исплати оспоруваниот долг за превоз на ученици во висина од неверојатни 43 милиони денари, или 700.000 евра, без да му даде гаранција дека подоцна нема да ја бара каматата за доцнењето со плаќањето на некои други. И зошто сега градоначалникот се повикува на нефер потег на тужителот за каматата за период од 5 до 7 години, во која лежат големи околу 140.000 евра. Ова дотолку повеќе што Општината имаше повик до доверители со одредени отстапки да добијат предност во брзата исплата на побарувањата, што оваа фирма најверојатно не го прифатила. И покрај тоа, парите брзо и биле исплатени од општинската, односно училишните каси.

Како ќе се одвива постапката околу спорот за каматата, засега тешко е да се предвиди, бидејќи двете страни настојуваат да останат на својот цврст став. За општината и училиштата побарувањето е неочекувано и сериозно, и ќе значи тежок финансиски удар. За превозникот приливот од 8,6 милиони денари се сума од која не е лесно да се откаже. Затоа, како и да се преговара, задоволување на двете страни не е можно.

Друго прашање, кое се наметнува е, кој е одговорен за речиси седумгодишното одолговлекување на плаќањето на долговите, од кои дел се на претходните раководства, а дел на тие што дојдоа по нив.

Немајќи решение во корист на Општината, градоначалникот Илијев преговарањето го префрлил на заменик директорот на СОУ Гошо Викентиев, Тони Велков, и на директорката на ООУ „Никола Карев“ Биљана Петрова, кои би требало да издејствуваат некаков попуст кај тужителот, на чија страна е правниот аспект. Нивните аргументи се во, како што ги нарекува градоначалникот, нереалните цени на чинење на превозот, несекогаш превезуваниот предвиден број на ученици, возењето и на други патници во истите тури.

Инаку, дека преговорите не оделе глатко, зборува тоа што директорот на „Авто Атом“ се заканувал со ставање клуч на фирмата, во која работеле осумдесетина вработени, а општинарите најавиле дека можеби се потребни засилени контроли кај превозникот.

Сподели: