Македонски „СТОП“ за Бугарските и други странски таблички
Наскоро ќе им одѕвони на доминантно Бугарските, но и други странски таблички на возилата кои се возат во државата, внесени од страна на сопственици со двојни државјанства, за што Владата подготвува законско решение. Со тоа, на некој начин, ќе се легализираат сите такви возила, бидејќи ќе добијат македонски регистерски таблички. Мотивите се од финансиска природа, со цел средствата што се одлеваат кај државите од каде потекнуваат табличките, да завршат во домашниот буџет. Иако никој не го спомнува, значаен е и безбедносниот ефект, бидејќи за таквите возила граѓаните не можат да знаат од кој дел на државата се, а и полицијата потешко им влегува во траг.
Инаку, Владата сеуште не открива детали кога и на кој начин ќе се спроведе целата постапка, и колкав период за промена ќе биде потребен. Дотолку повеќе што е потребно целосно усогласување со сите надлежни институции, па дури потоа, веројатно до крајот на годината да биде доставена на усвојување до Собранието. По овој период, би требало граѓаните и бизнисмените, кои имаат возила со странски таблички, да добијат одреден временски период за да ги сменат со Македонски, за што државата ќе им понуди бенефиции во вид на попусти.
За државниот врв, ова е еден вид легализација на странските возила, со која во текот на идната година треба да се дојде до значаен износ на средства во буџетот, според одредени проекции и до 20 милиони евра. Според сегашната регулатива, за да бидат префрлени регистарските таблички од странски на македонски, потребно е сопственикот да издвои 23 насто за царина и данок, од набавната цена на возилото.
Дел од јавноста коментира дека вакво законско решение требало да се донесе многу одамна, бидејќи не мал број граѓани посегнаа по Бугарски и други државјанства, меѓу другото и за да возат убави коли со помали давачки, оставајќи на тој начин големи девизни средства кај соседните земји.