Зимска заштита за богат род

Градинарите и овоштарите започнаа со заштита на земјоделските култури во пресрет на студените зимски денови. Во втората половина на декември, дневните и ноќните температури главно имаат минусни вредности, при што овошките преминуваат во период на зимски одмор. Во такви услови овоштарите може да го искористат зимскиот период за да ги извршат заштитни активности.

Кај помалку искусните овоштари секогаш стои дилемата што треба да се направи.Во основа зимските, па и сите останати третирања против болести и штетници, не би биле доволно ефикасни, доколку физички не се отстранат гнездата во кои презимуваат гасениците или јајцата на штетниците. Агро-стручњаците советуваат, кога ќе дозволат временските услови да се испрскаат овошките со 2 проценти раствор на бордовска чорба, против габични болести и против антракноза и дидимела кај малините и рибизлите. Овошките кои се нападнати од грини, лисни и штитоносни вошки треба да се испрскаат со минерални масла во соодветна концентрација на растворот, а младите овошки да се заштитат од зајаци со соодветни репеленти.

Градинарите кои се занимаваат со производство на расад за раноградинарско производство, во декември треба да започнат со наѓубрување на леите во оранжериите, како и во леите во кои се планира покасно производство на одредени градинарски култури, на пример да се посадат зелена салата и лук. Во деновите кои што се погодни за работа, потребно е да се подготви почвената смеса која што ќе се користи при пресадувањето. Градините треба да се исчистат од остатоците од претходните култури, во кои може да презимуваат штетниците.

Стручњаците велат дека во овој период можат да се употребат суперфосфати или калиумови ѓубрива, зависно од потребите на почвата, што ќе придонесе за квалитетно производство.

Сподели: