Привилегирани легално ја узурпираат Пониква

Протекционизмот и трката по профит, да се добие место во центарот на Пониква, заради бизнис или самодокажување, доведе до легална узурпација на најатрактивниот простор, каде што би требало да бидат шетачите и децата. Можеби едно од најзначајните прашања е дали двете општини се тркаат која повеќе локации за викендички ќе издаде за да им удоволи на моќниците и за полнење на буџетот.

При две општини газдарици, Пониква килава. Така некако може симболично да се опише ситуацијата со најатрактивната локација на Осоговските Планини, дефинирана како спортско-рекреативен центар, кој од година во година прераснува на густо населена туристичка населба во која викендичките и поголемите објекти, никнуваат како печурки по дожд.

Условно половина од Пониква и припаѓа на Општина Пробиштип, а половина на Општина Кочани, при што границата помеѓу двете сопственички е патот. Притоа, објектот на Инфо центарот, ски-лифтот „тројка“, Манастирот Св. Василиј, приватните угостителски објекти и голем број викендички се на територијата на помалата општина, а некогашното детско одморалиште, ски лифтот „единица“ и цела викенд населба се под кочански ингеренции. Меѓутоа таквата речиси идеална поделеност не е некоја предност за Пониква, туку своевидна пречка плус, за плански и поефикасно да се развива. Наместо тоа се добива впечаток како двете општини да се тркаат која повеќе парцели ќе продаде за да го наполнат својот буџет.  

Тоа што прво му паѓа в очи на секој посетител, е речиси целосно узурпираниот средишен или централен дел на Пониква, со угостителски објекти, викендички и паркинзи, кои не им даваат простор на посетителите за прошетки и други активности, особено во услови на снег. Посетителите велат дека требало да се остави простор по педесетина до сто метри од двете страни на патот кој води до Манастирот и се ќе било поинаку. Вака за ќефот и интересот на неколкумина, губи центарот и бројните посетители. Токму затоа, немајќи каде на ски патеката број еден се гужваат и дечиња од пет-шест години до возрасни, кои на простор од неколку хектари санкаат, скијаат, шетаат … Како тргнало, за неколку години може да се случи посетителите да дојдат на Пониква да го видат снегот од своите автомобили и да се вратат назад, бидејќи условите за шетање дополнително ќе се ограничат, односно стеснат.

Сподели: