Полиција: за пукање петарди – 200 до 400 евра казни
Имајќи во предвид дека пред и за време на Новогодишните и Божиќните празници од страна на граѓаните и малолетници – деца, неовластено се употребуваат пиротехнички средства (петарди) со што се нарушува Јавниот ред и мир и безбедноста, Секторот за внатрешни работи Штип, Одделение за внатрешни работи Кочани, во пресрет на празниците ги информира граѓаните дека неовлатената употреба на пиротехнички средства е казнива согласно Законот за прекршоци против Јавниот ред и мир, Законот за заштита од експлознивни материи и Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
ОВР Кочани упатува апел до сите граѓани, а посебно до младата популација дека неовлатената продажба и употребата на пиротехнички средства (особено петарди, факели, светлечки и звучни ракети и други средства за приредување на огномети) се небезбедни бидејќи содржат експлозив, а со нивната употреба може да дојде до несакани последици по здравјето и да бидат нанесени повреди на рацете, лицето, очите и другите делови од телото.
Како и минатите години, во овој период од годината, ОВР Кочани во наредните денови значително ќе ги интензивира континуираните контроли и останати мерки и активности за навремено откривање и спречување на продажба, односно употреба на петарди и други пиротехнички средства.
Во функција на планираното превенирање на ваквите незаконски активности, на трговците, родителите и посебно на учениците – основци повторно им се укажува дека продавањето, одностно купувањето и активирањето петарди на јавни места, на улица, во дворови, влезови на станбени згради, училишта и слично, претставува законски прекршок за кој е предвидена глоба од 200 до 500 евра во денарска противвредност. Децата да не употребуваат вакви опасни играчки, зашто тие можат брзо и лесно да предизвикаат сериозни последици. Во врска со последиците, а во зависност од другите околности и фактори, активирањето на пиротехника може да биде и кривично санкционирано доколку непсредно ја доведе во прашање безбедноста и на други граѓани.
Поради тоа, се апелира до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата, односно кога ке забележат лица кој на улица, на тезги, во продавници или на други места продаваат пиротехнички средства или пак употребуваат такви средства, истите да ги пријават на полициските службеници на терен, или да се јават на бесплатниот телефонски број 192.
Началник на ОВР Кочани, Александар Максимов