Ќе ја испразнат ли старата касарна-новите куќи ?
Општина Кочани и државата се решени да ги изградат типските куќи за 24 семејства од ромската заедница, кои низ годините диво се населени во старата касарна и тука во несоодветни услови живеат со години. Тоа при посетата на Кочани го потврди и премиерот Зоран Заев, кој во оваа прилика додаде дека во тек е изградба на вкупно 897 станови во државата, од кои 10% се наменети за ромската заедница
Деновиве Заев, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот Николчо Илијев извршија обиколка и увид на планот за изградба на типски куќи во ромската населба, каде 24 семејства со околу 120 лица живеат во несоодветни услови.
„За оваа цел, се предвидени средства од Стратегијата за Ромите во областа на домување во висина од 25 милиони денари. Од нив 16 милиони денари се обезбедени од Министерство за транспорт и врски во рамките на Стратегијата на Ромите и дополнителни 9 милиони денари од буџетот на Општина Кочани“ – истакна Заев.
Покрај реакциите на населението кое живее во тој дел од градот, кое е против определената локација за изградба на типските куќи, реакции има и за тајмингот за реализација на овој проект, кој иако е актуелен две-три години, дојде на ред во изборна година, што опозицијата го толкува како предизборна пропаганда. Покрај тоа, за многумина дискутабилен е и единствениот услов да се добие кров над глава како подарок од општината, а тоа е семејството да живее во старата касарна, бидејќи има и други семејства кои живеат во субстандардни услови во домови од штици и картони.
Од друга страна, засега не се соопштува дали има план или каква и да е идеја, што ќе се случува со овој објект во централното градско подрачје, што претставува потенцијална можност во неа преку ноќ, на диво да се населат нови жители, што ќе значи нов проблем за градот. Иако има најави дека ќе се урива.