Џабе бројки за фалење, сиромаштијата е се потешка
И ДОДЕКА НАСЕЛЕНИЕТО СТЕГА НА ХРАНА, ЛЕКОВИ И ДРУГИ ОСНОВНИ ПОТРЕБИ, ИНСТИТУЦИИТЕ НА ВЛАСТА ГО БОМБАРДИРААТ СО СТАТИСТИЧКИ БРОЈКИ ЗА ЗГОЛЕМЕНИ ПРОСЕЧНИ ПЛАТИ, БОГАТА ПОТРОШУВАЧКА КОШНИЧКА И ЕФТИНО ЗДРАВСТВО. ПОСЛЕДНИТЕ ПОСКАПУВАЊА НА ОСНОВНИТЕ АРТИКЛИ ЌЕ ГЕНЕРИРААТ СЕ ПОГОЛЕМА СИРОМАШТИЈА ВО ИСТОЧНИОТ РЕГИОН.
Реалното поскапување на основните прехранбени артикли, од една, и само статистичкото зголемување на просечната плата до неверојатни 28.200 денари, од друга страна, ги доведоа луѓето до ќор сокак од кој никој не знае како и каде понатаму. Целокупната криза ја прави неподнослива Ковид пандемијата, која силно удира по егзистенцијата на граѓаните, кои освен што се чудат како да се прехранат, мака мачат да обезбедат средства за лекови, витамини и слично. Голем број семејства во изминатиот период останаа и без најблиските, но и без денар, поради што ги очекува неизвесна иднина.
Дека периодот што доаѓа не ветува ништо оптимистичко, зборуваат најавите за нова серија поскапувања кај прехранбените артикли, кои се од егзистенцијален карактер. По маслото, веројатно ќе поскапат маргарините, млечните производи, лебот и пекарските производи, сувомесното.
Парадоксот со бројките и статистиката да биде поголем, придонесува пресметаната синдикална кошничка која за едно семејство изнесува дури 33 денари, есечно. Во неа најголемо зафаќање отпаѓа на Исхраната и пијалоците, со 10.078 денари, Домувањето е 10.817 денари, Хигиената 2.386 денари, Превозот 2.500 денари, Облеката и обувките 2.160 денари. Во таа кошничка, која цела година се пресметува во услови на Ковид криза, за одржување на здравјето сеуште се определуваат мизерни 724 денари, иако само еден лек знае да чини поскапо.