20.000.000 евра „Царев врв“ да стане зимски центар

ДОКОЛКУ ОДГОВОРНИТЕ ВО РЕГИОНОТ САКААТ ДА НАПРАВАТ НЕШТО ЗНАЧАЈНО ЗА ОСОГОВСКИТЕ ПЛАНИНИ, НЕОПХОДНО Е ДА ГО ИСТУРКААТ ПРОЕКТОТ „ЦАРЕВ ВРВ“, СО ИЗГРАДБА НА МОДЕРЕН СКИ ЦЕНТАР СО ЕВРОПСКИ НИШАНИ. ТУРИСТИЧКИТЕ И ЕКОНОМСКИТЕ ЕФЕКТИ БИ БИЛЕ ОГРОМНИ, ПРВЕНСТВЕНО ЗА ОПШТИНИТЕ КОИ ГРАВИТИРААТ КОН ОСОГОВИЕТО, НО И ПОШИРОКО.

Нецели 20 милиони евра ги делат општините кои гравитираат кон Осоговските Планини и преубавиот Царев Врв, да ги искористат неговите карактеристики кои го прават предодреден да прерасне во репрезентативен зимски туристички центар. Тој износ на средства не е невозможна мисија, особено ако се знае дека од туристичкото ефектуирање на половина година белите врвови ќе се офајдат Кочани, Крива Паланка, Пробиштип, Македонска Каменица, Кратово, па и другите општини во источниот дел на државата.

Љубителите на зимските спортови и воопшто на планинскиот туризам, сонуваат да го видат Царев Врв како развиен ски центар со жичари, ски лифтови, хотели, по примерот на оние во Италија, Швајцарија …

Иако реализацијата на овој капитален проект од сегашен аспект, можеби е далечна желба, сепак Општина Кочани, која е најзаинтересирана, можеби треба да загризе со пробивање и асфалтирање на патот до под Царев Врв во должина од 17-тина километри. Тогаш можеби државата побрзо ќе загризе за да најде средства и инвеститори за инсталирање дваесетина километри ски лифтови на 13 велелепни ски патеки, а понатаму и на хотели и се друго што му е потребно на еден модерен планински, или првенствено зимски туристички центар од висока класа. Кој зне, можеби токму таков проект ќе претставува најголем исчекот на кочанскиот регион кон Европа, кон која цела држава се стреми.

Сподели: