Болните сами купуваат кислородни машини, надлежните молчат …

ВО БИТКАТА СО КОРИД 19, А ПОРАДИ НЕДОСТИГ НА МЕСТА И КИСЛОРОД ВО АМБУЛАНТИТЕ, СЕ ПОГОЛЕМ БРОЈ ГРАЃАНИ САМИ ИЗДВОЈУВААТ ПО 1000 ЕВРА И ПОВЕЌЕ, ЗА ДА МУ ОБЕЗБЕДАТ НА ЗАБОЛЕНИОТ КИСЛОРОДНА ПОДДРШКА КОЈА ЖИВОТ ЗНАЧИ. ЌЕ НАВЛЕЗАТ ЛИ ОДГОВОРНИТЕ НА ЛОКАЛНО НИВО ПОДЛАБОКО ВО СУШТИНАТА НА ПРОБЛЕМИТЕ СО И ОКОЛУ КОВИД 19 ПАНДЕМИЈАТА.

Помеѓу многубројните драматични и тешки патешествија низ кои минуваат заболените од Ковид 19 и нивните семејства, е и трката по машини за кислород, предизвикана од немањето доволно места и боци во здравствените институции. Иако во јавноста тоа никој понагласено не го соопштува, сепак во ковид амбулантите владее речиси перманентен недостиг и вистинска трка по медицински кислород, кој живот значи. Потрошувачката на течниот кислород, кој чини 27 денари за литар, насекаде низ државата е зголемена за неколку пати, особено таму каде што нема соодветна инсталација, па вработените се принудени со импровизирани колички да ги влечкаат по болничките соби седумдесеткилограмските метални боци. 

Поради хроничниот недостиг се поголем број граѓани се изложуваат на сериозни трошоци за набавка на машини за кислород, кои на пазарот чинат од 30.000 до 100.000 денари за една, зависко од марката и капацитетот. И притоа се прашуваат, зошто цел работен век издвојувале за здравствено осигурување, кога покрај лекови, мораат и разни апарати сами да ги набавуваат.

Општинскиот кризен штаб на Кочани, кој последен пат заседаваше пред дваесетина дена, само ги повтори мерките за прскање на влезови и фирми, и бараше заострување на контролните мерки за почитување на протоколите, иако бројките јасно потврдуваат дека тие не ги даваат посакуваните резултати. Чудно е тоа што ниту од кочанската здравствена институција, ниту помеѓу другите инволвирани никој не бара донации или други форми за набавка на машини за кислород, кои подоцна би им биле преотстапени на болниците. Бидејќи вака семејствата издвојуваат големи средства, а подоцна кислородните машини ќе им останат неискористени.

Како одминува времето, се побарани се и други апарати и апаратчиња кои даваат одредени податоци за здравствената состојба на граѓаните и особено заболените, како што се за мерење на сатурација, односно кислород во крвта, за притисок, за температура и други.

Сподели: