Драматични битки за живот водат заболените граѓани и лекарите во ковид амбулантите

Крајно несоодветната транспарентност во функционирањето на ковид амбулантите и центрите во здравствените установи низ градовите и регионалните центри и одсуството на кампања за конкретни и концизни совети до граѓаните, заедно со речиси едногодишното примарно лекување по телефон, според поедини врвни доктори, доведоа до експлозија на ширењето на Ковид 19 во регионот и во државата. Истовремено голема е дистанцата помеѓу тоа што се случува во Ковид амбулантите и надвор од нив, бидејќи граѓаните не ни можат да претпостават какви драми се одвиваат во битката на секој болен да преживее, како и во борбата на здравствените работници за спасување животи. Доколку надлежните низ медиумски и други кампањи, успеат да им всадат в глава на граѓаните колку е подмолна и опасна болеста, тогаш сигурно дека многу работи би биле пореално и правилно поставени, а ефектите би биле во интерес на сите, но …

Одреден број пациенти кои поминале низ Ковид амбулантите сведочат дека биле третирани несоодветно и во несоодветни услови. Крв за анализа им се земало во незагреан ходник. Некои добивале и инфузија во ходник, низ кој доаѓале или заминувале други пациенти. Пациенти кои не смееле никако да се движат поради тешко дишење, се шетани заради едно или друго, без да им се обезбеди подвижен кревет или барем количка. Притоа, цела ноќна смена била оставана на млад и неискусен медицински кадар, да се справуваат со тешки ковид случаи и да носат одлуки од кои зависат животи. Истовремено, никој не се сомнева во пожртвуваноста на медицинскиот персонал од првите редови, кој со надчовечки напори се бори за да спаси живот повеќе, дури и во услови кога медицинско-техничките ресурси, опрема и лекарства се ограничени, односно недоволни.

Останува нејасно зошто по цела година борба против пандемијата, сеуште само се констатира дека пациентите доцна или предоцна доаѓаат до Ковид амбулантите, за да ги добијат потребната терапија, кислородна поддршка и специфичното лекување. И зошто не се предложи стратегија за навремено откривање на заболените и упатување во специјализираните установи, ако тоа е првата причина за смртноста.

Сподели: