Граѓаните не се против изградбата на куќите, туку против наметнатата локација
ЛОКАЛНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ТРЕБА ДА БИДАТ ФАКТОРОТ КОЈ ЌЕ ГО ОБЈАСНАТ И АМОРТИЗИРААТ НЕДОРАЗБИРАЊЕТО И ПРИЧИНИТЕ ЗА ПРОТЕСТИТЕ И КОНТРАПРОТЕСТИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ, БИДЕЈЌИ ПОЛИТИЧКИТЕ ФАКТОРИ ВЕЌЕ ТРГНАА ВО ИСКОРИСТУВАЊЕ НА СИТУАЦИЈАТА И ЕДНОСТРАНО РЕАГИРАЊЕ. ВЧЕРАШНИОТ ПРОТЕСТ БЕШЕ ПРОТИВ НАМЕТНАТАТА ЛОКАЦИЈА, А НЕ ПРОТИВ ИЗГРАДБАТА НА ДВАЕСЕТТЕ ТИПСКИ КУЌИ, КОИ ЌЕ ОСТАНАТ СОПСТВЕНОСТ НА ОПШТИНАТА А ЌЕ ГИ КОРИСТАТ СЕМЕЈСТВАТА ОД СТАРАТА КАСАРНА
По вчерашниот протест на жителите од Трајаново Трло, Шатровиќ и Усова Чешма, за денеска бил закажан протест и од страна на невладините организации и граѓаните од Ромското Маало. Меѓутоа по разговорите со градоначалникот Николчо Илијев, истиот е откажан или одложен. Од кабинетот на градоначалникот денеска информираат дека имале конструктивен состанок со претставниците на Ромската заедница, при што е договорено проблемот да се решава низ институциите во општината.
Тоа што е проблематично во целата ситуација е неводењето сметка за прецизно дефинирање на проблемот, што работите ги поставува погрешно и манипулативно. Имено, дури и од општината велат „ … Ромите незадоволни од спречувањето на изградбата на објекти … “, иако сите знаат дека жителите на трите населби единствено се против наметнатата локација. И прашуваат, зошто на пример, не е одбрана локацијата каде пред повеќе години се уриваа дивоизградени објекти, во близина на Фабриката за вода.
Инаку, вчерашната добронамерна реакција на Аки Акиов на протестот на граѓаните од трите населби, кои гравитираат кон локацијата предвидена за изградба на дваесетте типски куќи ќе добиеше на додатна тежина доколку локалниот лидер на ПДПР се огласеше со поддршка и кога истите луѓе протестираа поради загадувањето на животната средина, зачестените кражби и други проблеми. Како што тоа го направи еден претставник на невладина организација. Но политичарите вообичаено реагираат според други логики.
Ако се следат реакциите на граѓаните на социјалните мрежи, со погрдни зборови и навреди по разни основи, можат да се насетат искричења кои никако не се потребни и за кои надлежните треба и мора да реагираат превентивно, за да не се случи ситуацијата да избега од контрола. Особено поради фактот што препукувањата се случуваат во изборна година, кога многу нешта можат да бидат злоупотребени во политички цели.
Ваквата ситуација сама по себе наметнува потреба од актуелизирање на неколку суштински прашања до надлежните. Прво, кој и врз основа на кои критериуми ја определи, односно наметна актуелната локација, ако се знае дека жители на овие населби уште на стартот, пред година-две, јасно му кажаа на градоначалникот дека се против тука да се подигне мини населбата ? Второ, постои ли алтернативна локација за реализација на проектот ?
Трето, зошто врелиот компир се префрла во рацете на советниците, кои веројатно немаат и не можат да понудат нови аргументи „за“ или „против“ локацијата, во услови кога целата процедура околу ДУП и проектна документација, со се инфраструктура, се завршени. Особено ако се знае дека и позицијата и опозицијата проблемот и изјаснувањето за него, сакале или не, се принудени да го гледаат низ призмата на придобивање или губење на гласачи. И уште поособено, што се наметнува нова дилема, дали некој сака да се сокрие зад нивната одлука.