„Осогово“ зависи од „Плачковица“, „Слога 1934“ го сака 4-то место

ОТКАКО ОСОГОВО СЕ ДОВЕДЕ ВО СИТУАЦИЈА ДА ГО РЕШАВА ПЛАСМАНОТ НА ТАБЕЛАТА ВО ПОСЛЕДНОТО КОЛО, ФУДБАЛСКАТА ЈАВНОСТ СО ПОСЕБЕН ИНТЕРЕС ГО ОЧЕКУВА ДУЕЛОТ ПРОТИВ ПЛАЧКОВИЦА, КОЈ Е ОДЛУЧУВАЧКИ ДАЛИ ЌЕ БИДАТ ШЕСТИ ИЛИ СЕДМИ НА КРАЈОТ НА ПРВЕНСТВОТО. „СЛОГА 1934“ ГО ПОСАКУВА ЧЕТВРТОТО МЕСТО, ШТО БИ БИЛО ОСТВАРУВАЊЕ НАД ОЧЕКУВАЊАТА.

Што ќе донесе дуелот помеѓу Плачковица и Осогово во Радовиш, е прашање кое си го поставува фудбалската јавност, пред се во Кочани и Прилеп, а веројатно и пошироко. Радовишани, предводени од кочанскиот тренер Крсте Крстев, веројатно имаат причини да одиграат на победа и да го скројат долниот дел на табелата, иако трите бода ништо не им значат. Тие, заедно со Росоман, испаѓаат од втората лига и се селат во трета.

Евентуален пораз на Осогово во Радовиш, а бидејќи Победа не би требало да има проблеми со Кожуф на свој терен, ќе ги искачи прилепчани пред кочанчани, поради подобрата гол разлика, и ќе ги доведе во ситуација да чекаат административна разрешница од страна на ФФМ, околу тоа колку екипи од Втората лига Исток ќе испаднат во понизок ранг и дали можеби третопласираната ќе игра некаков бараж. За мирен постпрвенствен период на жолто-сините им е потребен барем бод во Радовиш, но треба да се освои.

Слога со победа против Кит Го, на кого бодовите не му се потребни, и со очекуваниот пораз на Кожув во Прилеп, ќе избие на четвртата позиција на табелата, што за виничани ќе претставува извонреден успех.

Внимание во последното коло привлекува и дербито на врвот, помеѓу Брегалница и Тиквеш, но од аспект на докажување која екипа е подобра. Штипјани се сигурно први и нови прволигаши, а Тиквеш ќе игра бараж против вториот од Втората лига Запад.  

Сподели: