Оризот посеан 10 дена порано

СЕИДБЕНАТА КАМПАЊА ПРОЛЕТВА ЌЕ СЕ РЕАЛИЗИРА ЗА ДЕСЕТИНА ДЕНА ПОРАНО ОД ВООБИЧАЕНО, ШТО Е ОДЛИЧЕН ПРЕДУСЛОВ ЗА УСПЕШНА ВЕГЕТАЦИЈА И ПОРАНА ЖЕТВА НАЕСЕН. ЕФИКАСНОСТА ВО СЕИДБАТА СЕ ДОЛЖИ НА НАВРЕМЕНИТЕ ПОДГОТОВКИ И ОПТИМАЛНИТЕ КОЛИЧИНИ ВОДА КОИ СЕ ДИСТРИБУИРААТ ДО ВОДОКОРИСНИЦИТЕ.

За дури десетина дена порано од лани целосно ќе се реализира сеидбата на оризот во производствениот регион планирана на 4.200 хектари. Брзата и ефикасна сеидба ја овозможи квалитетното наводнување од Хидросистемот Брегалница, и навремената подготвеност на вадите, деталната, главната и магистралната каналска мрежа, кои овозможија дистрибуција на вода до сите водокорисници. Преостанатите десетина проценти непосеани површини се во атарите на селата Спанчево и Соколарци, кои традиционално се сеат меѓу последните.Од Акумулацијата Калиманци, каде има над 110 милиони кубици вода, се испуштаат по 9 м3 во секунда, што ги задоволува потребите за наводнување во овој период од сезоната.  Добра вест е што пролетва максимално беа искористени протечните води од реките, што овозможи значителна заштеда на акумулираните резерви.Земјоделските стручњаци ја оценуваат сеидбата како мошне ефикасна и квалитетна, меѓу другото и поради поволните временски услови, кои овозможуваат успешно поникнување и вегетација на оризовата култура. Тоа значи дека кон крајот на мај и почетокот на јуни ќе започне фазата на заштита на посевите од плевели, која е мошне значајна за добивање поголемо и поквалитетно производство.

Сподели: