Кој пие а кој плаќа, кога е во прашање ДАФ

ДАЛИ ОКОЛУ ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА ДАФ ВО ПОСЛЕДНО ВРЕМЕ НЕ СЕ ЗНАЕ КОЈ ПИЕ А КОЈ ПЛАЌА, И КАКО СЕ СЛУЧИ ДВЕ ГОДИНИ ПО РЕД ДРЖАВНАТА МАНИФЕСТАЦИЈА ДА СЕ РЕАЛИЗИРА САМО СО ОПШТИНСКИ ПАРИ. ДОДЕКА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ГО КАЗНУВА ЈАВАШЛУКОТ, ОПШТИНАТА ГО НАГРАДУВА.

Кочани и оваа година, како и минатата, не ја прекина традицијата на одржување на ДАФ, и со општински пари ги одржа двете скратени изданија. На какво квалитативно ниво, не е примарно прашање. Но, и во двете години ја прекина традицијата Министерството за култура да учествува со финансиска поддршка на манифестацијата, како што тоа го правеше со децении наназад, која би можела да изнесувала и до 600.000 денари, или вкупно околу 1.200.000 денари за двете години. Причините – за неверување. Првиот пат средствата биле побарани по одржувањето на фестивалот во октомври 2020 година, на што од министерството било одговорено дека нема постфестивалски пари. И веднаш прашањето, што ќе направеше со парите Управниот одбор ако по фестивалот ги добиеше на сметката на здружението. Вториот пат, екс-извршниот директор на ДАФ, Благој Пенов, според Спасов, едноставно заборавил да аплицира со проектот за овогодишното издание, и повторно од Министерството нема пари.

Бидејќи ДАФ го организира Здружение на граѓани, и се околу неговото одржување и квалитет зависи исклучиво од членовите на Извршниот одбор, а општината и локалните фирми се јавуваат само како финансиски поддржувачи, се поставува прашањето чија е одговорноста за евентуалните пропусти. Следствено, ако екс-извршниот директор, кој и сега е член на Управниот одбор, заборавил да аплицира за средства во Министерството, логично е дека тој требало од џеб да го покрие делот од средствата кој недостасува, а не Општината и градоначалникот со народни пари.

Нелогична е постапката во случајот и на градоначалникот, кој постојано се повикува на законот. Имено, ако Министерството за култура две години по ред ги казнува организаторите на ДАФ за ненавремено и заборавено аплицирање, по кој член од Законот тој интервентно го зголемува буџетот за државната манифестација. Наместо да ги казни, тој со народни пари, ги наградува несериозните членови на здружението на граѓани, кои си поигруваат со реномето на најзначајната аматерска драмска манифестација во нашата држава, како и со имиџот на градот домаќин. Друга работа е спонзорирањето од неговите две приватни фирми, колкаво и да е. Како што е друга позитивна работа гестот на претседавачот на Советот на Општината, Томе Солевски, со донирање на една „советничка плата“ на сметката на фестивалот.

Инаку, дека министерката и Министерството за култура немаат ништо против ДАФ, потврдува нејзиното присуство на отворањето на манифестацијата. А неодобрувањето на средствата е всушност почитување на правилата на игра и на принципиелната политика во тој сегмент. Конечно, и пошироко гледано, никој и никогаш немал ништо против аматерската драмска манифестација во градот домаќин, и пошироко.

После се, граѓаните сигурно ќе ги интересира дали ќе има извештај, или отчет, за потрошените средства за ДАФ. Или дури можеби анализа колкав реален буџет е потребен за квалитетно организирање на манифестацијата од државен формат. Одтука, паушална е иницијативата на комисијата за култура за зголемување на буџетот за ДАФ 2022 година на 400.000 денари, без валидна анализа колку средства и од кои извори се потребни за квалитетна државна манифестација.

Сподели: