Стручното образование ќе произведува кадар за стопанството

ПО ТРАНЗИЦИСКИТЕ ПРОЦЕСИ ВО ДРЖАВАТА,  ОБРАЗОВАНИЕТО СЕ ЧИНИ ВЛЕГУВА ВО ФАЗА КОГА СТРУЧНИОТ АСПЕКТ ДОБИВА НА ТЕЖИНА, БИДЕЈЌИ ПРОИЗВЕДУВА КАДАР ПОДГОТВЕН ЗА ИНДУСТРИЈАТА, А ВО РАМКИТЕ НА ПРОЕКТОТ „УЧИ ПАМЕТНО, РАБОТИ СТРУЧНО“. КОЧАНСКИ „ГОШО ВИКЕНТИЕВ“ ВЕЌЕ Е ПРИМЕР ЗА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ СТОПАНСТВОТО И УЧИЛИШТЕТО.

Образованието дефинитивно се менува, велат професори по стручни предмети од средните училишта ширум републиката кои во учебната 2021/2022 година отвораат дуални паралелки во рамки на проектот „Учи паметно, работи стручно“.  Оваа учебна година во 46 средни училишта ќе се отворат вкупно 97 дуални паралелки кои ќе понудат настава во 15-тина различни струки. Од прехранбени техничари, машински техничари, градежни работници, електротехничари или енергетичари, преку рудари, шумари, столари, земјоделци, па сè до готвачи, угостители, фризери, козметичари, но и медицински персонал, економски техничари или бизнис администратори: младите ќе имаат можност да одберат некој од близу 70-те различни образовни профили, зависно од нивните афинитети.

Но, она што е најважно е дека независно од струката која ќе ја одберат, учениците ќе се стекнат со соодветни нивоа на квалификации во согласност со потребите на пазарот на трудот, а пак професорите по стручни предмети даваат силна поддршка деветтоодделенците стручното образование да го земат предвид, со што можат да дојдат до најлесен начин за нивното вработување.

Дипломираниот електро инженер Јоже Зашов, кој е професор по електро група предмети во СОУ „Гошо Викентиев“ од Кочани, истакнува дека средното стручно образование е исклучително важно бидејќи разликата е навистина голема помеѓу лицата што завршиле средно стручно наспроти оние кои завршиле гимназиско, особено во нивната работа. Тој самиот  завршил гимназиско пред да продолжи на Електротехничкиот факултет, и објаснува дека останатите колеги кои имале завршено средно техничко образование биле со повеќе познавање од електротехниката и практичната настава. Тој додава дека неопходна е интензивна соработка помеѓу училиштата  и индустријата за подобрување на практичната настава, а пак во СОУ „Гошо Викентиев“ имаат позитивен пример со компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ која има отворено работилница во самото училиште каде учениците ја имаат својата практична настава.

Сподели: