Зошто градоначалниците „се тепаат“ за втор мандат?

Иако четири години постојано се жалат колку им е тешка градоналаничката функција и дека одвај чекаат да им заврши мандатот, кога ќе дојде време за нови избори, сите до еден (само со различна тактика), „се тепаат“ за уште еден мандат, со најчестото образложение, да ги завршат започнатите проекти. А, всушност, кој еднаш ќе седне на градоначалничката фотеља, сака да остане во неа ако може, и доживотно. Прашањето е – зошто?

Првата причина е моќта што ја дава функцијата „прв човек, или татко на градот“ во корелација со сите локални и државни институции. Втората се контактите што позицијата градоначалник ја овозможува, со меѓународните претставници во државата, власта на централно ниво и неограничен број на странски организации.

За повеќето градоначалници најбитна е, условно, третата причина – располагањето со општинските пари. Можеби затоа пратеници и директори на државни институции даваат оставки, и се кандидираат за градоначалници. Не е случајно. Еден градоначалник на средно градче, во својот четиригодишен мандат има на располагање четири буџети од по три-четири милиони евра, или вкупно 13-15 милиони евра, со кои располага главно по сопствено убедување. Општината со целокупната администрација е еден вид фирма со 50, 100 или повеќе вработени, кои директно или индиректно, му се подредени, и која не оди во стечај и кога со години има минусно салдо. На пример, Општина Тетово има минус од 10.милиони евра, а на градоначалничката влакно не и фали, ни на крај памет не и паѓа да си поднесе оставка, и дури ќе биде наградена со уште една кандидатура за трет мандат. Како што беше наградена општината-загубар, Арачиново, со пола милион евра од државата.

Кога кон сите тие аргументи во корист на градоначалникот ќе се додаде дека тој се прашува и за поставување на раководители на повеќето институции, на јавни претпријатија, за одредени вработувања …, тогаш одговорот на прашањето, зошто сите се „тепаат“ за прв или втор мандат, е повеќе од јасен. Тука се и тендерите и договарањата околу нив. На крај е славата, формулирана во „колку многу направив за вас …“, без додатокот „ … со вашите пари“.   

Затоа, не му верувајте на ни еден градоначалник, кога ќе рече „да се кандидирам за втор мандат, ни случајно, … освен ако не ме натераат „од горе““, бидејќи сигурно ќе го „натераат“.

Сподели: