Кочани го доби првиот кандидат за градоначалник
Десетина дена по распишувањето на Локалните избори, закажани за 17-ти Октомври, граѓаните на Општина Кочани денеска го дознаа името на првиот официјален кандидат за градоначалник. Имено, ВМРО ДПМНЕ и коалиционите партнери објавија дека ќе го трчаат изборниот круг на претстојните локални избори со кандидатот Љупчо Папазов. Практично од партијата го потврдија тоа што неофицијално беше соопштено уште пред дваесетина дена, а е резултат на убедливата предност на Папазов, на неколкуте анкети со граѓаните на Општина Кочани..
Љупчо Папазов е познат стопанственик во Кочани, чија работа датира од почетоците на пазарната економија. Во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво, ја извршуваше функцијата директор на КЈП „Водовод“. По промената на власта се врати во својата фирма, каде работи и сега. Во ВМРО-ДПМНЕ се уверени дека на граѓаните им нудат победнички кандидат кој чесно и одговорно ќе ја извршува градоначалничката функција и ќе го предводи Кочани кон достигнување на европските стандарди во секој поглед.
За неколку дена се очекува свој кандидат да истакне и СДСМ, каде сеуште се испитува пулсот на граѓаните. Нема да биде изненадување доколку во трката за градоначалник на Кочани учествуваат и кандидати на помалите партии, или некој независен.