Зафрлена историја заради модернизација
Не се случува реконструкцијата, туку преуредувањето на градскиот парк, и во него подценувачко изместување на бистите на првоборците Љупчо Сантов и Раде Кратовче, што ја загрижи кочанската јавност, дека во име на модерното, се девалвира историјата и хероите кои ги дадоа животите за овој град и овој народ. Учесниците во НОБ на чиј патриотизам се учеа генерации и генерации млади. Кога се дислоцираат споменици, тие по правило добиваат подобри и повпечатливи локации, за постојано да бидат лесно забележливи. Никако не се затураат во некое ќоше, колку да ги има, за да ги види само тој што имал намера. Да беше жив Батко Војчо, како што го викаа сограѓаните братот на Раде Михајлов – Кратовче, ни спомениците ќе се местеа, ни ќе се преуредуваше, ама …
Проблемот е што околу Центарот за култура има барем уште две-три посоодветни локации, кои немаше, или барем помалку ќе го поттикнеа револтот на дел од граѓаните. На пример, помеѓу степениците од страната на реката, каде ќе можеа да бидат забележливи и од прекурека и од повеќе отворени позиции. Или кај чешмата, од двете страни на мозаикот на светите Петар и Павле, со претходно одстранување на декоративното дрво, кое го задскрива просторот. Веројатно стручните луѓе имаат и подобри предлози, ама прашањето е дали некој ги консултирал.