Лебот од задутре поскапува за три денари

ПОРАДИ ЗГОЛЕМЕНИТЕ ТРОШОЦИ ВО ПРОИЗВОДСТВОТО, ПЕКАРИТЕ ОД 16 СЕПТЕМВРИ ЌЕ ГО ПОСКАПАТ ЛЕБОТ ОД СЕГАШНИТЕ 25 НА 28 ДЕНАРИ ЗА ВЕКНА. СПОРЕД НИВ И ОВАА ЦЕНА НЕ ГИ ПОКРИВА ПРОИЗВОДСТВЕНИТЕ ТРОШОЦИ, ПА ЗАТОА УШТЕ СЕГА СЕ НАЈАВУВА МОЖНО ВТОРО ПОСКАПУВАЊЕ НА КРАЈОТ ОД ОВАА ИЛИ НА ПОЧЕТОКОТ НА НАРЕДНАТА ГОДИНА

Иако неофицијално беше најавено дека лебот ќе се качи од 25 на 30 денари, а бајатиот од 10 на 15 денари за векна, сепак пекарите се договориле зголемувањето да биде три денари, но оставаат можност за втор пораст на цената кон крајот на годината. Новите цени на лебот ќе се применуваат од 16. Септември, и ќе ги применуваат сите производители. Притоа поскапувањата ќе бидат процентуално усогласени и со поквалитетните и поскапи типови на леб, кои ги нудат поедини пекарници. Причината е серијата поскапувања на нафтените деривати, струјата и другите влезни трошоци во производството, но и зголемените плати поради немање работна рака, кои сите заедно го прават работењето да се движи на и под границата на исплатливоста.

Поскапувањето на основниот прехранбен артикал директно ќе удри врз најсиромашниот слој од населението, кое и сега одвај врзува крај со крај. На едно петчлено семејство на кое дневно му се потребни три векни леб, ќе му требаат дополнителни 270 денари месечно. Ако се земат во обзир и драстичните поскапувања на маслото за јадење, за чие зголемување на цената има нови најави, потоа на сувомесните производи, на градинарските, тогаш станува јасно зошто се повеќе семејства се жалат дека не можат да се прехранат со ниските плати, пензии, или некои други приходи.

Сподели: