Му требаат ли на Кочани медиуми, или не ?
По непринципиелните дискусии на поедини советници во однос на определените средства од буџетот наменети за медиумите, ТРД „ТВ Кочани ЛД“ стои на ставот со истекот на годината да и стави крај на едностраната соработка. Конкретно, доколку изостане финансиската поддршка за реално сработеното, ТВК во 2022 година нема да ги покрива со снимање, емитување и известување седниците на Советот на Општината, на Комисиите, како и на севкупните активности на општинската администрација. Како што нема новинарски да ги покрива посетите на општински, државни и странски функционери на Општина Кочани и на градоначалникот. Ја информираме јавноста дека ваквиот потег е последица на фактот дека Општината три години им врти грб на медиумите, кои се доведени во ситуација пред згаснување.
Од граѓаните бараме разбирање за нашата одлука, и истовремено им се извинуваме за неможноста да бидат информирани од правец на работата на избраните советници и локалната администрација кон нив. Но сакаме да им укажеме дека е неиздржлива ситуацијата да создаваме трошоци при покривање на настаните и да се доведуваме во парадоксална положба да ја помагаме општината.
ТВК ги повикува и другите локални медиуми да прекинат со својата сервилност кон општината и да му стават крај на бесплатното афирмирање на нивните политички амбиции и тековни активности.