Снегот исчистен, патиштата проодни
Со 40 тони сол и 10 кубика песок интервенираа дежурните служби на Подружницата на Македонија Пат на сообраќајниците кои се во нивна надлежност, а на територијата на Општина Кочани, истакнува раководителот Влатко Митев. Според него, сите патишта во општината и во регионот се проодни, а екипи дејствуваат каде ќе се јави потреба.
Прооден е патот и кон Пониква, каде со механизација се чисти снегот и се употребува сол и ризла. Поради врнежите, има појава на мали одрони кои се расчистуваат и не прават проблеми во одвивањето на сообраќајот.
Инаку, по најавите за надпросечно ниски температури, особено во ноќните часови, на учесниците во сообраќајот и на граѓаните им се препорачува зголемена претпазливост и внимателност.