„Осогово“ со победа и пораз

ЗА ДВА ДЕНА ОСОГОВО ОДИГРА ДВА НАТПРЕВАРА, ПОБЕДИ ПРОТИВ „ДЕТОНИТ“ СО 2:1, И ЗАГУБИ ОД РАДНИЧКИ СРЕМСКА МИТРОВИЦА СО 4:0. ПОДГОТОВКИТЕ СЕ ОДВИВААТ ЗАСИЛЕНО, БИДЕЈЌИ ДО ПОЧЕТОКОТ НА ПРВЕНСТВОТО ПРЕОСТАНУВААТ УШТЕ ДЕСЕТИНА ДЕНА.

Втор натпревар во рамките на подготовките на „Осогово“ и прва победа против екипата на „Детонит јуниор“ од Радовиш со 2.1. Според прикажаното тренерите на двете екипи можат да бидат задоволни, со оглед на фактот дека сеуште не се искристализирани најдобрите состави и што во оваа фаза сеуште им се дава шанса на сите фудбалери. Притоа мора да се има во предвид дека се внимава да не дојде до повреди, бидејќи условите за игра не се најдобри.

Што се однесува до самиот натпревар, први резултатот го открија осоговци, благодарение на малата мајсторија на Лика, кој погоди за 1:0. Радовишани брзо израмнија по еден одмерен и прецизен удар.  Конечните 2:1 ги постави Дојчинов, кој во една мешаница пред голот на Детонит, најдобро се снајде и со глава биеше прецизно.

Двете екипи имаа уште по некоја прилика да ја затресат противничката мрежа, но не беа снаодливи во завршницата.

Со цел да ги провери можностите на екипата, шефот на стручниот штаб Александар Андов во подготвителниот период за противник ја избра и екипата на Раднички од Сремска Митровица, од Република Србија, која се наоѓа на подготовки во Дојран. Се работи за мошне силна екипа која игра во второто по квалитет првенство во Србија која има амбиции за прогрес во прволигашката конкуренција.

На натпреварот во Дојран, кој доаѓа само 24 часа по средбата против „Детонит Јуниор“, „Осогово“ загуби убедливо со 4:0, полувреме 3:0. Шефот на стручниот штаб Александар Андов во телефонски разговор ни изјави дека поразот е висок, но овозможил да се согледаат можностите на секој поединец во неговата екипа. Тој ги видел и физичките можности на фудбалерите во ситуација која во рок од 24 часа се играат два натпревара, во тешки услови.

Сподели: