Папазов и Капраун за германската инвестиција

ПРЕТСТАВНИЦИ НА ГЕРМАНСКАТА ИНВЕСТИЦИЈА ВО КОЧАНИ, ВО РУДНИКОТ ЗА ГАБРО „МЕРИСТЕМ ТОБИ“ КАЈ ПАНТЕЛЕЈ, КОЈА СЕ ПРЕТВОРИ ВО КАМЕНОЛОМ, РАЗМЕНИЈА МИСЛЕЊЕ И ИДЕИ СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЉУПЧО ПАПАЗОВ ЗА ИЗНАОЃАЊЕ ЗАЕДНИЧКИ ИНТЕРЕС ЗА СОРАБОТКА И РАЗВОЈ. 

Вчера во кабинетот на градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов се одржа работна средба со Гунтер Капраун, генерален директор и Кабир Бариов, извршен директор на компанијата „Меристем Тоби“ во Кочани. На средбата беа разменети искуства и идеи за идна можна соработка, како и информирање и промовирање на бизнис плановите на компанијата, која очекува поддршка и од Локалната самоуправа на Општина Кочани.

Меристем тоби е германска инвестиција која во прва фаза имаше идеја да се експлоатира минералот Габро, кој преработен во плочи наоѓа широка примена во повеќе индустрии, меѓу кои автомобилската и авионската, при производство на мотори. Меѓутоа, откако по повеќемесечни ископувања се покажа дека вулканската маса е со растресен карактер, односно нема хомогени блокови, од кои би се сечеле потребните плочи, сопственикот ги преадаптира построенијата и започна производство на песок со гранулати од различна големина, кои наоѓаат примена во градежната индустрија. Оправданоста беше во исклучителниот квалитет и цврстина на материјалот, и проценетите огромни количини. Од друга страна и по десетина години, остана проблем патот од Пантелеј до индустриската зона кај Кочани, немањето мрежа за електрично поврзување, како и други помали нерешени работи за нормално функционирање на каменоломот.

Сподели: