Снегот со мали проблеми, но корисен

ТРИЕСЕТИНАТА САНТИМЕТРИ СНЕГ НА ПОНИКВА ИЗНУДИЈА ДЕЈСТВУВАЊЕ ВО ЧЕТИРИ НАВРАТИ НА СЛУЖБИТЕ НА МАКЕДОНИЈА ПАТ. ПАТИШТАТА ПРООДНИ НО ЛИЗГАВИ СО МОЖНОСТ ЗА ОДРОНИ. ЗА ПОЛЕДЕЛСКИТЕ КУЛТУРИ, ЛОЗЈАТА И ОВОШНИТЕ НАСАДИ ВЛАГАТА ДОБРОДОЈДЕНА

Последниот 28 ден од февруари и првиот од март, донесоа снежна покривка спуштена на Плачковица и на Осоговските планини , дури до над населените места над Зрновци и Кочани, од снегот кој падна во текот на ноќта. Меѓутоа на Пониква снегот достигна дебелина од 30-тина сантиметри, поради што во текот на изминатите два дена Подружницата на Македонија Пат интервенирала во два наврати на расчистување и обезбедување проодност на патот. Механизацијата дејствувала и денеска со расчистување на навеан снег, што овозможува непречено одвивање на сообраќајот.

Најавата на метеоролозите за нови врнежи од дожд и снег наметнуваат зголемена внимателност на учесниците во сообраќајот, едно поради лизгавите коловози, друго и поради можните одрони особено на критичните места во општината и регионот.

Земјоделските стручњаци проценуваат дека овие врнежи се од исклучително значење на посевите и насадите, бидејќи покрај влагата придонесуваат за одржувањето на релативно ниски температури, кои не дозволуваат предвремено развивање на садниците и вегетација, која подоцна во текот на март и април може да биде изложена на студени бранови.

Сподели: