Жестоки дискусии против загадувањето
Во речиси полната сала на Мултикултурниот центар во Кочани вечерва се одржа Јавната трибина за загадувањето на воздухот, водата и почвата што ги предизвикува Фабриката за рециклажа на отпадна хартија Пејпар Мил. Активисти на иницијативата за чист воздух и други присутни изнесоа редица аргументи кои сведочат за загадувањето, искажувајќи притоа лични искуства од секојдневието во изминатите години. Во активностите за здравјето на најблиските и на граѓаните во целот, како што рекоа, нема да отстапат никако, а ќе ги искористат сите демократски и правни инструменти и регулативи за да ја добијат битката за здрав живот. Со собирањето потписи ќе оформат петиција која ќе ја достават до странски амбасади за да ја алармираат и ЕУ за проблемот.
Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов истакна дека еден од суштинските приоритети на локалната власт е здравата животна средина. Во интерес на граѓаните и на градот во целина е проблемот со Пејпар мил да се реши преку дијалог, со почитување на законските норми.
Претставници на државниот инспекторат во делот на животната средина и водостопанство, истакнаа дека во годините наназад се направени многу пропусти кои влијаат на решавање на проблемот, но дека изнаоѓањето квалитетно и долгорочно решение е можно, доколку сите страни го завршат својот дел од работата.
Една од суштинските поенти во дискусиите беше дека никој не е против Пејпар мил и против институциите, но единствениот услов фабриката да работи е да не ја загадува животната средина и да не им го загрозува здравјето на граѓаните.