Апсурд: никој нејќе во прва лига

АКО ЕКИПИТЕ ОД ДНОТО НА ТАБЕЛАТА ИМААТ ПРОБЛЕМ СО ОПСТАНОКОТ, ТИЕ ОД ВРВОТ ИМААТ УШТЕ ПОГОЛЕМ КАКО ДА СЕ СПАСАТ ОД ПРВАТА ЛИГА, ИЛИ ЗОШТО НА ИСТОКОТ НИ ЕДНА ЕКИПА НЕ САКА ВО НАЈЕЛИТНОТО ФУДБАЛСКО НАТПРЕВАРУВАЊЕ ВО ДРЖАВАТА. ЌЕ ГО ПОДОБРИ ЛИ КВАЛИТЕТОТ ЕДИНСТВЕНАТА ВТОРА ЛИГА, КОЈА ЗНАЧИТЕЛНО ЌЕ ИМ ГИ ЗГОЛЕМИ ТРОШОЦИТЕ НА КЛУБОВИТЕ, ВО СИТУАЦИЈА КОГА И СЕГА ОДВАЈ ОПСТАНУВААТ.

Откако португалците го спуштија на земја нашиот репрезентативен фудбал, интересот на спортската јавност повторно се сврте кон домашните првенства и како тие функционираат. Во втората фудбалска лига Исток во тек е по многу нешта апсурдно првенство, кое е далеку од нивото на втора по квалитет лига во државата, која би требало да произведува нови прволигаши, како освежување и подигнување на конкуренцијата и квалитетот.

Пролетва повеќето од второлигашите на истокот, кои се пласирани во горниот дел на табелата, како да владее паника од можноста да бидат први или втори на табелата, и од есен да заиграат во првата лига. Основната причина е немањето доволно финансиски средства, а таму каде што нема пари нема квалитетни фудбалери, нема врвни стручњаци, и нема математика во натпреварувањето. Башка неисполнувањето на условите на стадионите за одигрување на натпревари, кои ги пропишува фудбалската федерација.

Примерот со ФК „Слога 1934“ од Виница можеби е најкарактеристичен, од аспект на фактот дека имаат најдобра екипа на истокот, па сепак не се подготвени за предизвикот наречен Прва лига. Да сме организирана спортска држава, шампионот во Втората лига би требало да добие солидна финансиска поддршка за да може барем во првата година успешно да стартува во повисокиот, односно најелитниот ранг. Вака ќе имаме комични ситуации лидерот на табелата да губи од екипи што се борат за опстанок, само заради калкулации.

Ситуацијата со второлигашкиот фудбал дополнително ја комплицира реогранизацијата, според која од новото првенство ќе се формира единствена Втора лига од 16 клуба. Тоа ќе значи многу поскапо првенство, бидејќи клубовите ќе се изложат на додатни сериозно големи трошоци.

Сподели: