Штетата 50.000 евра, парите по судски пат

ЗИМСКАТА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА КРОВОТ НА СОУ ГОШО ВИКЕНТИЕВ, КОЈА ЈА ИЗНЕНАДИ ДОЖДОТ, ПОРАДИ ШТО НАСТРАДАА ЕНТЕРИЕРОТ, КОМПЈУТЕРСКА ОПРЕМА, ИНСТАЛАЦИИ И ДРУГО, ПРЕДИЗВИКА ШТЕТА ОД 50.000 ЕВРА. ПОРАДИ НЕУСПЕШНИ ПРЕГОВОРИ СО ИЗВЕДУВАЧОТ, НАДОМЕСТ НА ШТЕТАТА ЌЕ СЕ БАРА ПО СУДСКИ ПАТ. ЌЕ СЕ БАРА И ОДГОВОРНОСТ И ЗА ТОА КОЈ ДОЗВОЛИЛ РЕКОНСТРУКЦИЈА ВО НЕСООДВЕТНИ ВРЕМЕНСКИ УСЛОВИ

На 50.000 евра е проценетата штета од навлегувањето на водата од обилните врнежи од дожд кои во декември, минатата година, се слеаја преку дел од откриениот кров на СОУ „Гошо Викентиев“, додека беше во фаза на реконструкција.  Притоа, покрај дел од електричната инсталација, ентериерот од клупи, столчиња и нагледни средства беа уништени и компјутери во неколку кабинети. Поради степенот на оштетеност и на таванските површини и ѕидовите, во истите не беше возможно одржување на редовна настава, поради што мораше да се прилагоди одржувањето на часови во намален број на училници.

Поради сериозните последици и штети, локалната власт ќе бара одговорност за тоа кој наредил да се изврши реконструкцијата на кровот среде зимо, кога временските услови се неповолни. Според градоначалник Љупчо Папазов, општината нема друго решение, особено по пропаднатите преговорите за спогодба со градежната фирма, изведувач на реконструкцијата, да се побара надомест на штетата по судски пат.

Инаку, училниците на вториот кат веќе 4 месеци не се користат, односно во нив не се држи настава. Во преостанатиот дел од просториите во училиштето 650 средношколци, иако отежнато, сепак без позначајни проблеми ја следат насатавата.

Сподели: