Јагнешкото прескапо за повеќето граѓани
ДОДЕКА ДРЖАВАТА СТИМУЛИРА ПРОИЗВОДСТВО И ИЗВОЗ НА ЈАГНИЊА, НАШИТЕ ГРАЃАНИ НЕ МОЖАТ НИ ДА ПОМИСЛАТ ДА КУПАТ ЈАГНЕШКО ПО ЦЕНА ОД 400 до 500 ДЕНАРИ ЗА КИЛОГРАМ., ИАКО СТОЧАРИТЕ СЕ СУБВЕНЦИОНИРААТ СО НАРОДНИ ПАРИ. ГОДИНАВА ИЗВЕЗЕНИ НАД 140.000 ЈАГНИЊА, ГЛАВНО ВО ИТАЛИЈА, ХРВАТСКА, БУГАРИЈА И ГРЦИЈА. ДЕСЕТИНА ИЛЈАДИ ЈАГНИЊА ЌЕ ОСТАНАТ ВО ДРЖАВАТА, НО КОЈ ЌЕ КУПИ ЈАГНЕШКО.
По долгиот Велигденски пост традицијата налага празничен ручек со јагнешко месо. Меѓутоа, како и од многу други нешта, граѓаните се принудени да се откажат, бидејќи драстично намалената куповна моќ не им дозволува да издвојат 450 до 500 денари за килограм јагнешко. Затоа привилегијата да го вкусат македонското јагне ја имаат побогатите земји, како Италија, Грција, Хрватска. Практично бенефитот од субвенциите за јагниња, млеко и овци, кои се плаќаат со народни пари, ќе го уживаат некои други, бидејќи се му е подредено на бизнисот.
Бројките велат дека Македонија годинава има извезено околу 140.000 јагниња или 1 600 000 килограми јагнешко месо. Најголем извоз е реализиран во Италија, 85 000 јагниња. Во Хрватска се пласирани 23 200, во Бугарија 20 860, во Грција 6000, во БиХ 900, и во Албанија 513 јагниња.
На македонците во државава им преостануваат на располагање 10.000 јагниња, но поради високата цена на месото во малопродажба, прашање е дали има кој да купи и колкави количини.
Цената на јагнето жива мера се движи од 160 – 200 денари за килограм, но производителите очекуваат тоа да поскапи за велигденските а подоцна и за првомајските празници.