Порано активирање на „Калиманци“
7-8 ДЕНА ПОРАНО ОД ВООБИЧАЕНО ЌЕ БИДЕ ПУШТЕНА ВОДАТА ОД АКУМУЛАЦИЈАТА „КАЛИМАНЦИ“ ЗА ПРЕКУ ДВАТА МАГИСТРАЛНИ КАНАЛИ ДА СЕ ДИСТРИБУИРА ДО ВОДОКОРИСНИЦИТЕ ВО РЕГИОНОТ. ВОДОСТОПАНСКИТЕ СТРУЧЊАЦИ ОЧЕКУВААТ УСПЕШНА НАВОДНИТЕЛНА СЕЗОНА, ДОКОЛКУ НЕ СЕ СЛУЧИ ЕКСТРЕМНА СУША, И КВАЛИТЕТНА ПРОИЗВОДСТВЕНА СЕЗОНА.
Одговорните во Водостопанство Брегалница најавуваат дека од 29.април, петок, ќе биде пуштена водата од Акумулацијата Калиманци, која преку десниот магистрален канал ќе се дистрибуира до водокорисниците во регионот. Тоа значи поместување на стартот на наводнителната сезона од ХМС Брегалница за 7-8 дена, бидејќи во претходните години акумулацијата се активираше околу 5-ти мај. Со пораното пуштање на водата во полињата се очекува понавремена сеидба на оризовата култура, што е предуслов и за понавремена жетва.
На почетокот на наводителната сезона во Калиманци се акумулирани над 115. Милиони кубни метри вода, што се оценува како поволен фактор кој гарантира успешна сезона. Сепак многу нешта ќе зависат и од хидролошката ситуација во текот на летото, односно дали ќе има долги сушни периоди.
Инаку, во меѓувреме веќе започна сеидбата на оризот со зафаќање на водите од реките во Кочанската Котлина. Наполнети со вода и посеани се првите стотина хектари во неколку полиња во кочанско и виничко. На земјоделците им одат во прилог и поволните временски услови кои ќе овозможат брзо поникнување и успешна вегетација. Сеидбениот план предвидува под ориз во регионот да се посеат околу 4.200 хектари.