Оризџиите прскаат, дождот мие
ЧЕСТИТЕ ВРНЕЖИ И ПОДПРОСЕЧНИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ ИМ ЈА УСЛОЖНУВААТ РАБОТАТА НА ОРИЗОПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ, КОИ СЕ ВО ФАЗА НА ТРЕТИРАЊЕ НА ОРИЗИШТАТА ОД ПЛЕВЕЛИ. ТАКВИТЕ УСЛОВИ, ВЕЛАТ СТРУЧЊАЦИТЕ, ПОВЕЌЕ ИМ ПОГОДУВААТ НА ПЛЕВЕЛИТЕ, ОТКОЛКУ НА ОРИЗОВАТА КУЛТУРА. МАЛИ РАЗДВИЖУВАЊА КАЈ ОТКУПНИТЕ ЦЕНИ, КОИ СЕ НЕДОВОЛНИ ЗА ПРОФИТАБИЛНО ПРОИЗВОДСТВО
Подпросечните температури во јуни и честите врнежи, со малку сончеви денови, им создаваат дополнителни главоболки на оризопроизводителите околу извршувањето на агротехничките активности во полињата. Повремените врнежи од дожд не даваат простор за квалитетно третирање на посевите со хемиски средства, како заштита од плевелите. Притоа и ги намалуваат ефектите од употребата на пестицидите. Поедини земјоделци се жалат дека биле приморани да го повторат третирањето, бидејќи плевелите само делумно биле уништени со редовното прскање. Тоа значи и додатни финансиски издатоци.
Земјоделските стручњаци проценуваат дека ваквата врнежлива и релативно студена пролет не и оди во прилог на вегетацијата на оризот, бидејќи тој бара и потопла вода и повеќе сонце. Од друга страна во вакви услови напредуваат плевелите, што изискува посилни дози при прскањето.
Паралелно со сеидбата, прихранувањето на посевите со вештачки ѓубрива и заштитата од плевели, земјоделците будно ги следат состојбите и со откупно-прометната политика со белото злато, кај која иако има одредени раздвижувања, сепак се далеку од пазарните турбуленции кај земјоделското производство. Пролетва се регистрирани мали зголемувања на цените на арпата и белиот ориз, кои не се доволни ниту да ги покријат тековните трошоци на репроматеријалите и енергенсите, како и животните трошоци на земјоделците.