Огревот скапнува, извозот не запира
Иако ЈП Македонски шуми пролетва одлучи огревното дрво да остане со старата цена од околу 2500 до 2.600 денари, односно да не поскапува, сепак приватните добавувачи ги креваат цените, кои се очекува до почетокот на грејната сезона да достигнат 4000 денари за метар просторен. Неофицијални информации од Скопје и другите поголеми градови во државата велат дека дабовиот огрев веќе достигнал 5000 денари, што е енормно поскапување и тежок удар врз стандардот на граѓаните. За количина од 6 метри просторни, колку што најчесто набавуваат кочанчани, едно семејство ќе треба да издвои и до 500 евра. Така е сега, а како ќе биде во октомври или ноември, никој не може да предвиди.
На ниво на држава веќе реагираат стопанственици и политички субјекти, дека непречено се одвива засилен извоз на трупци за дрвната индустрија и огревно дрво, во земји од соседството, што може крајно негативно да се одрази врз домашното снабдување. Покрај тоа неплански се сечат огромни шуми, што го намалува шумскиот фонд во државата, а се за профити на фирми кои се занимаваат со оваа дејност.
Општата енергетска криза сигурно негативно ќе се одрази и во бесправната сеча, бидејќи во услови кога немаат пари легално да се снабдат со огрев, се поголем ќе биде бројот на тие што ќе се обидат да се „снаоѓаат“ со недозволено сечење на помалку заштитените шуми. Впрочем, не случајно се соголени шумите покрај патиштата кон Полаки, кон Пантелеј и кон Пониква, а дрвокрадците се активни и на Плачковица.