Како фотељата во „Водовод“ од најпосакувана стана најнепосакувана?

КАКО „ПОЛИТИКИ И ПОСЛЕДИЦИ“ БИ МОЖЕЛА ДА СЕ ДЕФИНИРА СИТУАЦИЈАТА ВО КЈП „ВОДОВОД“ ОТКАО ИВАН ИВАНОВ ЈА НАПУШТИ ДИРЕКТОРСКАТА ФОТЕЉА, А ОДГОВОРНИТЕ СЕ ВО ПОТРАГА ПО ДРУГО СООДВЕТНО РЕШЕНИЕ, ОСОБЕНО АКО СЕ ПОГЛЕДНЕ ПОДЛАБОКО ВО ПЛУРАЛИСТИЧКАТА ИСТОРИЈА НА ПРЕТПРИЈАТИЕТО. ВО ДАДЕНИ ПЕРИОДИ ТОА ФУНКЦИОНИРАШЕ КАКО ПАРТИСКИ ШТАБ, ВО ДРУГИ КАКО СТРАНКА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА БИЗНИС АМБИЦИИ НА ПРИВАТНИ ФИРМИ, А НАЈЧЕСТО КАКО АПСОРБАТОР НА НЕБРОЕН ПАРТИСКИ КАДАР

Ранливоста на едно јавно претпријатие кое во својот делокруг има лепеза од комплексни дејности, е повод за подлабока анализа и истражување кои се причините за тоа. Силниот удар што на средината од годинава го зададе енергетската криза, а со тоа и ценовните шокови, е со дејство на нокдаун, или дури и нокаут, ако се земат во обзир најосновните пресметки за приходите и расходите, и предвидувањата од тој аспект.

КЈП „Водовод“ до сега плаќал по околу 2.000.000 денари за струја, месечно. Со новата цена, при претпоставена иста потрошувачка, ќе треба да плаќа по 7.000.000 денари, или 3,5 пати повеќе. Како и да се крои и пректојува, ќе нема доволно пари за покривање на тековните трошоци, вклучително и платите на вработените, а тоа значи работење со големи загуби.

Токму таквата реалност најверојатно го натера Иван Иванов да ја напушти вжештената директорска фотеља, која до не така одамна, беше меѓу најпосакуваните во градот. Од арно никој не бега, нели. Плус, муабетите дека неговиот претходник за време на својот мандат „заработил“ двоцифрен број на кривични пријави. А не пред многу години низ раководната функција продефилираа редица градоначалници, како Љупчо Беличев, Лазар Веселинов …

Актуелните превирањаво и околу „Водовод“ се последица на една долгорочно водена политика на управување, развој и особено вработување. Кочанци знаат каква беше улогата на „Водовод“ во првите една-две децении во време на избори, кога во тогашниот бастион функционираше како изборен штаб и скриен финансиер на кампањи. Какви деловни комбинаторики се правеа со фабрики за минерална вода, јавно-приватно партнерство со фирми и слично,…  Вработувањата се приказна за себе, особено ако се знае дека во јавното царуваат партиски активисти кои ги користат сите можни привилегии, додека „нивните“ се на власт. И што е уште полошо, тие привилегии ги рефлектираат и кај граѓаните, ако се од соодветната опција, што на крај се паѓа на сметка на претпријатието. Јавно значи сечие и ничие. Затоа во поедини работни единици, со години наназад, никој не води сметка кој што сработува или не сработува, односно кој кога оди или си заминува од работа, бидејќи на крај платата си доаѓа како неминовност.

И веројатно поради таквата реалност, никој не сака да си става здрава нога в оган, во време и услови кога допрва се очекуваат драматични потреси од секаков вид.

Сподели: