Филмски криминали со дрога во кочанско
Филмски криминали на кочанско тло, и не со било што, туку со дрога. И тоа според оригинално сценарио, со (зло)употребување на ѓубрарката на КЈП „Водовод“, и на депонијата, а можеби и со знаење на поединци од вработените. Чудна коинциденција, кочанската депонија само што престана на чади, како некој да го изгаснал горењето за случајно да не се запалат вреќите со марихуана.
Полицијата сигурно ќе има сложен и замрсен случај за разрешување. Прво, затоа што сопственикот на фирмата е бугарски државјанин, (ако над него нема некој скриен водач во земјава?). Второ затоа што биле користени перфидни начини дрогата да се изнесе од фирмата, небарем се работи за ѓубре кое треба да се исфрли во депонијата. И трето, затоа што аферата е откриена на самиот почеток, па веројатно потешко ќе се стигне до „големите ѕверки“, бидејќи кога се работи за вредност од 400.000 евра, главни играчи не може да биле чистачи во фирмата, манипулирачи со смет, возачи на ѓубрарки.
Тоа што ја скокотка љубопитноста на граѓаните е дали ова е прв случај на криминал со дрога од овој и другите марихуана капацитети. Или тоа се случувало незнаен број пати, а сега пукнала некоја карика.
Како и да е, на кочанчани им е несфатливо проблематичната депонија од еколошки аспект, да стане дел од каналот за транспорт и криумчарење на стотици килограми марихуана.