Близу 1000 пензионери на Пониква

НА НАДМОРСКА ВИСОЧИНА ОД 1500 МЕТРИ БЛИЗУ 1000 ПЕНЗИОНЕРИ ОД ЦЕЛАТА ДРЖАВА БЕА ДЕЛ ОД 14-ОТ СОБИР КОЈ СЕ ОДРЖА НА ПОНИКВА, НА ОСОГОВСКИТЕ ПЛАНИНИ. ПОКРАЈ ОБРАЌАЊАТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ЗП КОЧАНИ, ЃОРЃИ СЕРАФИМОВ, ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СТАНКА ТРАЈКОВА И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЉУПЧО ПАПАЗОВ, ПЕНЗИОНЕРИТЕ УЖИВАА ВО УБАВА МУЗИКА И ПЕСНИ, КАКО И ВО ПРИРОДНИТЕ УБАВИНИ НА ОСОГОВИЕТО.

Здружението на пензионери на Општина Кочани на 13 август, на Пониква, го организираше 14-от Собир на пензионерите од Република Македонија под покровителство на Општина Кочани. Дури 25 пензионерски друштва од целата држава се одзваа на поканата, навикнати на одлична организација и убави мигови со дружење и забава. Спортско рекреативниот центар беше полн со посетители, од кои најголем број за првпат, што им овозможи да уживаат во планинскиот амбиент и чистиот воздух. Дури ниту заросувањето ситен дож на неколку наврати, не им го поремети расположението на многубројните гости.

Во името на домаќинот на Собирот, Здружението на пензионери од Кочани, на присутните им се обрати претседателот Ѓорѓи Серафимов, кој истакна дека е вистинско задоволство да се соверат толкав број пензионери на едно место и дека ваквите собири се можност да се дружат, да разменат искуства.

Пензионерите ги поздрави и претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, Станка Трајкова. Таа ја истакна организацијата на домаќинот, ЗП Кочани, кои секогаш знаеле да направат пензионерите да се чувствуваат задоволни и со убави доживувања да си заминат од градот на оризот.

За развојот на Пониква од туристички аспект, зборуваше градоначалникот Љупчо Папазов, кој воедно го прогласи Собирот за отворен. Тој ја истакна заложбата на двете општини Кочани и Пробиштип за подинамичен развој на Пониква и изразни надеж дека пензионерите кои сега дошле овде, и во иднина ќе доаѓаат за да уживаат во природните убавини.

Потоа следуваше музика и ора кои им пружија вистинско задоволство на пензионерите. Многумина од нив ја посетија Црквата Св Василиј Велики, објектите од старите касарни, викенд населбите и преубавиот Хотел Магнолија.

Сподели: