Ќе ловат ли ловците за џабе?
Министерството за земјоделие го пушта ловот на диви свињи од 1-ви септември каде што нема африканска чума и им порача на концесионерите да организираат лов, со ловочувар, ветеринар и инспектор. Ама не кажа под кои и какви услови ќе ловат ловците. Тешко е да се очекува дека ловците ќе плаќаат членарина, ќе трошат за бензин, миниција, и ќе губат денови, за да ја спасуваат државата од чумата. Не е некој адут претпоставката на надлежните дека ловците желни да убиваат (болни) животни, ќе истрчаат на терените и ќе завршат работа. Тоа е како да ги терате фудбалерите на Шкупи да играат од мерак и без пари.
Во сегашни услови, ловците знаат дека во Италија, Германија и други земји, санитарниот одстрел на диви свињи се плаќа. Дури се распишуваат меѓународни повици за ангажирање ловци. Цената за одстрелан примерок некаде е 500 евра, некаде повеќе, некаде помалку. По таа логика и државата ќе мора да го одврзе кесето ако сака ловците да и излезат во пресрет. Меракот на кој веројатно смета власта, е одлика на некое друго време. Особено што со години таа во многу региони создаде хаос во ловството, па ловците изгубија години без лов.