Наводнувањето тече – финансиите пресушени
И ПОКРАЈ УСПЕШНАТА НАВОДНИТЕЛНА СЕЗОНА, СПОРЕД ОЦЕНКИТЕ НА ОДГОВОРНИТЕ ВО ВОДОСТОПАНСТВО БРЕГАЛНИЦА, ПРЕТПРИЈАТИЕТО СЕ СООЧУВА СО БЕСПАРИЦА, ЗАДОЦНЕТИ ПЛАТИ И ИСКЛУЧЕНА СТРУЈА. ЦЕНТРАЛИЗАЦИЈАТА ОД УСПЕШНИТЕ ПРАВИ НЕУСПЕШНИ. НАВОДНИТЕЛНАТА СЕЗОНА ЗАВРШУВА НА 10 СЕПТЕМВРИ.
Наводнителната сезона во Водостопанство Брегалница, според планот, треба да заврши на 10 септември, кога ќе биде запрена водата од Акумулацијата „Калиманци“. Дотогаш преостануваат уште петнаесетина дена за наводнување за подсистемите во Кочани, Штип, Свети Николе и другите помали општини. Со оглед на поволната хидролошка состојба и зголемениот доток на вода во вештачкото езеро, акумулираните количества се одржуваат на околу 40.милиони кубици. Тоа може да значи дека извесни количини ќе останат како резерва и за наредната наводнителна сезона.
Во водостопанство Брегалница се задоволни од тоа колку успешно е реализирана наводнителната сезона бидејќи планот до сега е исполнет во целост, а оптималните количини се дистрибуирани до сите водокорисници. Годинава вода добија и површините во Зрновско, каде преку левиот магистрален канал се наводнуваше се до селото Теранци кое и припаѓа на Општина Чешиново-Облешево.
И покрај одговорното работење во сите сегменти на функционирањето на Водостопанство Брегалница, вработените со години се судруваат со беспарица за покривање на основните потреби. Платите доцнат, а поради долгови кон ЕВН деновиве им беше исклучено напојувањето со електрична енергија, па службите беа принудени да ја прекинат работата. Сето тоа е последица на централизацијата во водостопанството, при што и тие што добро работат и тие што не работат, ја делат истата судбина.