Празничен протест на оризопроизводителите

При официјално утврдена производствена цена од 27 денари за килограм арпа, наспроти откупна цена од само 22 до 25 денари, оризопроизводителите празникот 11-ти Октомври го претворија во ден на незадоволство од аграрната политика на државата, која и на почетокот на овогодишната жетвена кампања на реколтата ги остави на цедило. Поради финансиска исцрпеност голем дел од земјоделците одолговлекуваат со жетвата, бидејќи немаат средства да го платат комбајнирањето, кое чини 1.500 денари за декар, односно 15.000 денари за хектар. Дури и да ожнеат и го соберат родот, не знаат што ќе прават со него, бидејќи ако го продадат по сегашните откупни цени, ќе забележат загуба, која нема од каде да ја надоместат. За нив е несфатливо како се во државата поскапува, само оризот е иста со децении наназад.

-Не ни преостанува ништо друго освен да кренеме раце од нивите и да ги оставиме без обработка и производство на храна. Нелогично и несфатливо е килограм компири да се продава по 40 – 50 денари за килограм, колку што се откупува белиот ориз. Доста работевме за откупувачите и преработувачите, кои профитираат на грбот на земјоделците. Ако државата не може да ги среди состојбите со оваа култура, ќе им ги оставиме нивите, сами нека ги работат и видат како изгледа сето тоа, вели земјоделецот Љупчо Ангелов,

Денешниот протест со блокада на магистралниот пат Кочани-Штип е уште еден во низата кој помина без одговор или реакција на ресорното министерство и Владата. Единствено на земјоделците подршка им дадоа претставници на опозициските партии, кои исто така ја критикуваат политиката на власта во делот на оризопроизводството.

Сподели: