Снег за спас на сезоната на Пониква

ИАКО СО СЛАБ ИНТЕНЗИТЕТ СНЕГОТ НА ПОНИКВА МОЖЕ ДА ЈА СПАСИ ТУРИСТИЧКАТА СЕЗОНА, А ДОЖДОТ ВО КОТЛИНИТЕ ДА ЈА ПОДОБРИ ЗИМСКАТА ВЕГЕТАЦИЈА НА ЕСЕНСКИТЕ ПОСЕВИ, НО И ДА ГИ ПОДНАПОЛНИ АКУМУЛАЦИИТЕ. ОД МАКЕДОНИЈА ПАТ ПОДГОТВЕНИ ДА ИНТЕРВЕНИРААТ ДОКОЛКУ ДОЈДЕ ДО НАВЕВИ, ПОЛЕДИЦИ И ДРУГИ ПРОБЛЕМИ НА ПАТИШТАТА

Десетиот ден од јануари донесе врнежи од снег на Пониква, кои продолжија во текот на целиот ден, при што се формира снежна покривка од неколку сантиметри. Снегот, како и дождот во Кочанската Котлина, е со слаб интензитет, но доколку продолжи и во текот на ноќта, може да натрупа значителна снежна покривка. Засега метеоролозите најавуваат дека врнежите ќе потраат и во текот на утрешниот ден, што е добар знак за спас на зимската туристичка сезона во планинскиот ски-центар.

Од Секцијата на Македонија пат во Кочани информираат дека состојбата со врнежите будно се следи, дека дежурни екипи се на терен и доколку се јави потреба, ќе се интервенира заради проодност на патиштата со соодветни количини на песок и сол. Резервите во складиштата се исто така во оптимални количини кои гарантираат успешно справување со евентуални навеви, поледици и други проблеми на патиштата.

На дождот и снегот им се израдуваа и водостопанствениците, кои се надеваат на забрзано полнење на акумулациите и подигнување на нивото на подземните води. Додатно земјоделците во дождот гледаат спас за есенските посеви со пченица и јачмен, на кои им е потребна влага да го пребродат зимскиот вегетативен период.

Сподели: