Неспортски гест на нашите спортисти

Изборот на најдобрите во спортот за 2022 година протече во позитивна атмосфера и на задоволство на спортистите од различни спортови, кои ја удостоија традиционалната манифестација. Општ впечаток е дека престижните признанија и награди завршија во вистински раце. Сепак, мала сенка на целиот настан фрли неучеството на претставник од Канал 8 во изборот, а на свечениот настан реакцијата на претставниците на карате клубот „Партизан“, кои откако јавно ја оспорија одлуката на Активот на новинари во категоријата најдобар спортист, не присуствуваа на манифестацијата на свечено доделување на признанијата и наградите. Причината е што од дури тројцата предложени нивни кандидати, ни еден не беше прогласен за спортист на годината. Тоа беше доволна причина да кренат голема прашина на социјалните мрежи, главно од спортисти од боречките спортови, кои се нафрлија со дрвја и камења врз поедини новинари. Против истите тие новинари кои со години ги афирмираат клубовите и спортистите, ги наградувале и ги споделувале нивните успеси.

Но да се вратиме на „проблемот“ и да ги соочиме аргументите. За водството на КК „Партизан“ учеството на нивниот малолетен пулен на европско првенство е најважен аргумент и предност пред сите, особено пред фудбалерот Тоше Манов, за да биде избран за спортист на годината.

Контрааргументи. Прво, Тоше Манов за да му биде конкурентен на каратистот треба на 15-16 години да игра за првата екипа на „Осогово“, а „Осогово“ да игра во некој од европските купови, на пример Лига на шампиони. Второ, каратето нема лига во државата, туку се натпреварува турнирски, а фудбалот подразбира најмалку едномесечни подготовки и првенство кое трае двапати по околу три месеци, исполнето со тренинзи и натпревари по 90 минути. Трето, во фудбалот нема категории, ни по возраст, ни по телесна тежина. Противникот може да биде искусен, ветеран, да доаѓа од прволигашка екипа или од странство. Четврто, во каратето, клубот од турнир во Србија на пример, може да донесе 15 и повеќе медаљи(!?). Пето, КК „Партизан“ за изборот предложи дури три кандидати за спортист на годината. По некоја логика на бодување би можело да се случи тројцата да ги освојат првите три места. И уште ако и од КК „Кочани“ се пласираат на 4 и 5-то место, сите други спортисти и спортови ќе бидат маргинализирани. Дали тоа е реално?

Аргументи на новинарите. Кога јас, како претставник на ТВ Кочани ги бодував кандидатите и му дадов 6 бода на Тоше Манов, го имав во предвид неговиот десетгодишен придонес во клубот и во фудбалот во Кочани. Ја имав во предвид пролетната полусезона во 2022 година кога Осогово играше во Втора лига, како и есенското прво место во третата лига. Неговата капитенска улога и спортско однесување на теренот, каде е пример за помладите. Наспроти него имав 15-16 годишно момче пред кое допрва би требало да претстои кариера.

Спортската атмосфера додатно ја расипа родителот на каратистот кој испратил писмо до поедини медиуми, меѓу кои и ТВ Кочани, со кое под судска закана, забранува да ја информираме јавноста за се што е поврзано со неговиот син. Апсурдно и арогантно.Најлесно ни е да го послушаме. Да не ги спомнувам изливите на вулгарности, навреди и закани кои ги поминаа сите граници, а за кои дел од одговорноста е токму кај тренерите, кои во работата со спортистите мора да ги имаат во предвид и воспитниот сегмент, фер плејот и спортското достоинство. Без тоа нема спортисти и шампиони.

Сосема за крај, новинарите немаа никаква причина да фаворизираат некој за сметка на друг. Сите спортисти се деца на овој град. Но тренерите мора да знаат дека секој избор е неблагодарна работа. Особено кога се бира меѓу спортисти од дијаметрално различни спортови. Кога на маса се гимнастичари, каратисти, планинари, велосипедисти, спортски риболовци, борачи, шахисти, кошаркари, пингпонгари… Можеби затоа за наредните избори на спортист на годината можеби треба да се вметне критериумот полнолетство, па сите малолетни да влезат во категоријата надежни спортисти.

Сподели: