За пензионерите во БИХ и пензија и работа
Пензионерите во Босна и Херцеговина конечно добија можност да работат без да им се запре исплатата на пензијата. Но, можат да работат само оние кои отишле во предвремена и старосна пензија, но не и оние кои примаат семејна и инвалидска пензија. Законските измени се донесоа затоа што Уставниот суд ја прогласи за неуставна суспензијата на пензиите за пензионерите кои ќе се вработат.
Важната законска измена ја поздравија и самите пензионери од оваа бившојугословенска држава кои во иднина ќе можат да се вработат без да им се укине пензијата.
Во уште една поранешна држава од СФРЈ, Хрватска, пензионерите имаат можност да работат без да мораат да се откажуваат од пензиските примања. Речиси 30.000 хрватски пензионери работат со скратено работно време, покажуваат најновите податоци на Заводот за пензиско осигурување.
Македонија засега не се решава за вакво законско решение, иако се судрува со ограничен пензиски фонд и со застарен и неправеден систем, со драстични разлики во висината на пензиските примања, каде едни пензионери буквално гладуваат, додека други не знаат што со парите.