Преку спектакл до опстанок
Осогово го одигра најдоброто полувреме откако е член на втората фудбалска лига на Македонија и тоа против една од најдобрите екипи Пелистер, и стави печат на уште една сезона во второто по квалитет натпреварување во државата. Со трите гола и трите бода освоени во последното полувреме од последното коло, жолто-сините ги израдуваа навивачите и најверните сејмени, но и љубителите на фидбалот во регионот, бидејќи сите тие ќе имаат можност уште една година да гледаат второлигашки фудбал на градскиот стадион Никола Мантов во Кочани.
Управата на Осогово на спуштањето на завесата на долгото и исцрпувачко првенство приреди мал спектакл, кој ја воодушеви триилјадната публика, но и гледачите ширум државата, од каде стигнаа бројни позитивни реакции за убавината на фудбалската игра. А спектаклот беше крунисан со убедливата победа и со обезбедениот опстанок, кој може да значи отворање нови страници во кочанскиот фудбал, и тоа токму во годината кога Осогово одбележува 100 години, или еден век постоење.
Еве ги резултатите од последното 30 коло: Осогово – Пелистер 3:0, Каменица Саса – Вардар Неготино 5:3, Победа – Беса 1:5, Башкими – Тетекс 1:0, Беласица – Аресими 2.1, Новаци – Скопје 2:1, Детонит – Караорман 2:0 и Охрид- Кожуф 2:0.
Нови прволигаши се Беса и Пелистер, а наредниот викенд преку бараж натпревар ќе се одлучува дали третиот прволигаш ќе биде Детонит Плачковица или во најелитното првенство ќе остане скопски Вардар.